• среда, 25 декември 2024

Утре од воздух ќе продолжи гаснењето на пожарот на планината Огражден

Утре од воздух ќе продолжи гаснењето на пожарот на планината Огражден

Струмица, 16 јули 2024 (МИА) - Пожарот на планината Огражден, над селото Бадилен, на територијата на општина Ново Село, што избвувна пред седум денови, ќе продолжи да се гасне и утре, објави градоначалникот Ѓорѓе Божинов.

До крајот на денешниот ден, пожарот се гаснеше со помош на хеликоптерите „Камов“ од Србија и „Блек хоук“ од Турција, дел од меѓународната помош што ја доби државава за гаснење на пожарите.

- Зафатена е огромна површина борова шума и хеликоптерите од Србија и Турција ќе работат сѐ додека е видливо, а ќе продолжат со засилена акција рано наутро. Денес, цел ден на терен се и екипи на ТППЕ - Струмица, храбри луѓе кои спречија ширење на пожарот на местата каде не може да пристапи човечка нога, се наведува во објавата на градоначалникот на Ново Село.

Од ТППЕ - Струмица појаснуваат дека се работи за крајно недостапен терен, со екстремно високи температури, кои под влијание на големиот пожар имаат развиено специфична микроклима со температури над 50 степени Целзиусови и засилен ветер.

Вчера беше изгаснат крајниот северозападен крак од од пожарот, а денеска се продолжи со гаснење на југозападниот крак, веднаш до граничната линија со Бугарија. рт/бд/

Фото: принт скрин ФБ Ѓорѓе Божинов 

Остани поврзан