И оваа летна сезона богата културно-едукативна програма за најмладите гости во Охрид
- Општина Охрид и за престојната летна туристичка сезона преку проектот „Културата расте со децата“ предвидува богата културно-забавна програма посветена на најмладите охриѓанчиња, но и е децата до десетгодишна возраст кои ќе летуваат во градот.

Охрид, 9 април 2025 (МИА) – Општина Охрид и за престојната летна туристичка сезона преку проектот „Културата расте со децата“ предвидува богата културно-забавна програма посветена на најмладите охриѓанчиња, но и сите деца до десетгодишна возраст кои ќе летуваат во градот.
За оваа сезона реализацијата на проектот е предвидено да започне на крајот на овој месец, а да заврши во ноември, со одбележување на Неделата на детето.
Самиот проект е конципиран така што секој од петоците во седмицата на различни локации низ градот (на отворен и затворен простор), да се одржуваат едукативни театарски претстави, мјузикли, концерти од детски музички фестивали, работилници за личен развој, книжевни хепенинзи, саеми на литература за деца, прикажување на филмови наменети за деца и други едукативни содржини.
Од Општина Охрид посочуваат дека преку таквите креативни содржини ќе бидат упатени универзалните пораки да се сакаат и почитуваат другарчињата, да се слушаат родителите, да се грижиме светот да стане убаво место за живеење, да се грижиме за чиста и здрава животна средина и да градиме здрави животни навики преку здрава исхрана.
Сите од предвидените настани ќе бидат бесплатни за публиката.
Од Општина Охрид во понеделниците ќе биде најавувана петочната содржина, како и местото и времето на одржување на настанот. аб/са/
Фото: плакат