• понеделник, 30 декември 2024

Џафери - Желјазков: Позитивен знак за интензивирање на односите по изборите во Бугарија

Џафери - Желјазков:  Позитивен знак за интензивирање на односите по изборите во Бугарија

Скопје, 30 јуни 2023 (МИА) - На маргините на Меѓународната конференција за одбележување на Меѓународниот ден на парламентаризмот во Леон, Шпанија, претседателот на Собрание Талат Џафери, денеска оствари средба со неговиот бугарски колега Росен Желјазков.

- На почетокот на средбата, двајцата претседатели изразија задоволство што за кратко време, по средбата во мај во Рим, се среќаваат повторно, што е позитивен знак за интензивирање на односите по изборите во Бугарија и верификацијата на мандатот на Националното собрание, се наведува во соопштението на Кабинетот на претседателот на Собранието Џафери.

Желјазков истакнал дека одблиску ја следат динамиката на политичките изјави во Република Северна Македонија.

- Нагласи дека во двете држави има одредени политичари кои упатуваат изјави кои не се во линија со тонот на комуникација кој е потребен во моментов, а таквите изјави се со цел добивање дневно политички поени, а не далекугледост на зрели политичари кои споделуваат заедничка цел. Желјазков истакна дека следната седмица треба да се изберат групите за соработка и делегациите во бугарското Собрание, со што ќе се овозможи непречена комуникација меѓу двете собранија и реализација на посети на различни нивоа, се додава во соопштението.

Џафери нагласил дека Собранието е подготвено да постапи во согласност со своите надлежности и уставно предвидените процедури и рокови од моментот кога овластен предлагач ќе ја достави иницијативата за уставни измени до Парламентот.

- Џафери го информираше Желјазков за процедурата и за времетраењето на процесот на усвојување на уставните измени. Нагласи дека процесот не е лесен, но е неопходен за нашиот напредок кон Унијата. Претседателот Џафери искажа уверување дека ова е последниот чекор којшто Република Северна Македонија ќе го направи за да ги отвори пристапните преговори со Европската Унија, пишува во соопштението. бд/

Фото: Кабинет на претседателот на Собранието

Остани поврзан