• сабота, 23 ноември 2024

И Велика Британија и САД го обвинија Иран за нападот врз танкерот во Арапско Море

И Велика Британија и САД го обвинија Иран за нападот врз танкерот во Арапско Море
Лондон, 1 август 2021 (МИА) - Велика Британија денеска го обвини Иран за нападот со дрон врз танкерот во Арапско Море, при што загинаа двајца морнари, едниот Британец, а другиот Романец. - Веруваме дека нападот беше намерен, насочен и е јасно кршење на меѓународното право од страна на Иран, изјави шефот на британската дипоматија Доминик Раб. Тој додаде дека во нападот учествувале еден или два дрона. Во меѓувреме и САД официјално го обвинија Иран за нападот, при тоа истракнувајќи оти Техеран ќе добие „соодветен одговор“. - По прегледот на достапните информации, уверени сме дека Иран го изврши овој напад, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Претходно, израелскиот премиер Нафтали Бенет на денешната владина седница директно го обвини Иран за смртоносниот напад врз танкерот „Мерсер стрит“, што пловеше под знаме на Либерија, а е на компанијата „Зодијак маритим“, чиј сопственик е израелскиот милијардер Ејал Офер. - Ние, во секој случај, знаеме како да пренесеме порака до Иран на наш сопствен начин, истакна Бенет. И израелскиот министер за надворешни работи Jаир Лапид за инцидентот вчера го обвини „иранскиот тероризам“. - Иран не е само израелски проблем, тој е извозник на тероризам, разурнување и нестабилност, што е на штета на сите. Светот не смее да молчи пред иранскиот тероризам што и штети на слободната пловидба, посочи вчера Лапид. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Катибзадех денеска демантираше дека Иран е вмешан во нападот. - Таквите обвинувања не се нешто ново. Тие кои се одговрони за тоа (нападот), се тие кои им овозможија на израелскиот режим да биде присутен во овој регион. Не е чудно што добро познатото антииранско лоби во САД ја користи секоја можност да ја обвини Исламска Република Иран, посочи Катибзадех. Бродот беше нападнат на 29 јули, а по инцидентот со американска поморска придружба се упати кон безбедна локација. Дел од израелските медиуми објавија дека според проценките на службите биле извршени два напада врз танкерот во рок од неколку часа. Првиот напад предизвика штета, а при вториот напад бил погоден командниот мост, при што загинаа двајца морнари. ми/

Остани поврзан