• среда, 13 ноември 2024

ИЈЗ: Вкупно 903 лица со овчи сипаници во јануари, 19-годишно лице од Кичево со заушки

ИЈЗ: Вкупно 903 лица со овчи сипаници во јануари, 19-годишно лице од Кичево со заушки

Скопје, 19 февруари 2024 (МИА) - Во текот на првиот месец од годинава во земјава пријавени се вкупно 1.182 заболени лица од акутни заразни заболувања, без КОВИД-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ, со вкупна инциденца од 64,4 на 100.000 жители. Во текот на јануари се бележи намалување на вкупниот број на заболени лица за 23,8 отсто, во однос на претходниот месец, декември 2023 година, како и во однос на аритметичката средина за периодот 2014–2023, за 16,7 проценти. Во однос на јануари 2023, се бележи зголемување за 5,3 отсто, покажуваат податоците од најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Најголем број акутни заразни заболувања на ниво на центрите за јавно здравје (ЦЈЗ) е пријавен на територија на ЦЈЗ Скопје, а најмал број е пријавен во ЦЈЗ Охрид.

Низ јануари, најчесто регистрирано акутно заразно заболување се овчите сипаници со вкупно 903 пријавени лица. Тие во вкупниот број на заболени во месецот учествуваат со 76,4 отсто, а во групата на десетте најчести заразни заболувања за овој месец учествуваат со 76,9 проценти.

На второ место по број на пријавени заболени во месец јануари се ентероколити, со 163 случаи.

Во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции - без ХИВ/СИДА, се регистрирани четири заболени лица и тоа пријавени се по два случаја на вирусен хепатитис Б и инфекција со хламидија.

Во текот на месец јануари, пријавени се три случаи потврдени на ХИВ, од машки пол, кои припаѓаат на возрасната група од 20 до 59 години. Согласно постоечката евиденција на пријавени случаи, заклучно со 31 јануари, кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Република Северна Македонија, за периодот 1987–2023, изнесува 639 и тоа: 126 лица починале, 513 живеат со ХИВ/СИДА.

- Регистрирани се и по два случаја на вирусен хепатитис Б и пневмококна инфекција со дијагноза на пневмококен менингитис, кои според возраста не подлежат на имунизација согласно Kалендарот за задолжителна имунизација во Република Северна Македонија и не се вакцинирани против овие болести. Дијагнозата е потврдена лабораториски. Еден случај на заразни заушки е регистриран во Кичево, кај лице на возраст од 19 години, вакцинирано, а дијагнозата е потврдена клинички, се наведува во извештајот на ИЈЗ.

Во текот на месец јануари, пријавени се вкупно 187 случаи на КОВИД-19, според податоците на ИЈЗ. Од почетокот на пандемијата, заклучно со 31 јануари, пријавени се вкупно 350.503 потврдени случаи на КОВИД-19 и 9.976 смртни случаи.

Во текот на месец јануари, до Институтот за јавно здравје е пристигната една пријава за епидемија на алиментарна интоксикација од ЦЈЗ Куманово. Епидемијата е пријавена на 02.01.2024, како семејна епидемија во која од експонираните 14 лица заболеле пет, на возраст од 5 до 59 години, од кои три лица биле хоспитализирани. Направено е епидемиолошко истражување и едукација на населението за придржување кон принципите за подготовка и консумација на безбедна храна. Епидемијата е одјавена на 10.01.2024, велат од ИЈЗ.

- Во текот на месец јануари пријавен е еден смртен случај од акутно заразно заболување - не сметајќи ги КОВИД-19, грип, туберкулоза, СИДА, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и ХИВ) со дг: пневмококен менингитис. Регистрираниот случај е машко лице на возраст од 38 години од Скопје. Пациентот бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС) од 2 до 21 јануари годинава, кога настапил смртниот исход, покажуваат податоците од извештајот на ИЈЗ.

Во текот на месец јануари, пристигнати се две пријави за заразно заболување за салмонелоза кај странски државјанин од САД и алиментарна интоксикација кај странски државјанин од Словенија, кои престојувале во државава. бд/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан