• четврток, 26 декември 2024

ИФЈ: Во 2020 година се убиени 65 новинари и медиумски работници

ИФЈ: Во 2020 година се убиени 65 новинари и медиумски работници

Брисел, 12 март (МИА) - Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) соопшти дека 65 новинари и медиумски работници биле убиени во 2020 година.

„Тоа е за 17 повеќе отколку во 2019 година, а бројот на настрадани е приближно до бројот во 90-тите години на минатиот век“, објави ИФЈ податоци од својот годишен извештај.

Како што е наведено, убиствата се случиле во 16 различни земји, во бомбашки напади и инциденти во вооружени судири.

Од 1990 година, од кога ИФЈ собира податоци, убиени се 2.680 новинари.

По четврти пат во последните пет години, Мексико е на врвот на листата земји со најголем број убиени новинари - 14.

Десетмина беа убиени во Авганистан, девет во Пакистан, осум во Индија, по четири на Филипини и Сирија и по тројца во Нигерија и Јемен.

Убиства на новинари и медиумски работници имало и во Ирак, Сомалија, Бангладеш, Камерун, Хондурас, Парагвај, Русија и Шведска.

ИФЈ денеска соопшти дека најмалку 229 новинари и медиумски работници во моментов се во затвор, како дел од процесите поврзани со нивната работа. Турција води со најмногу притворени новинари. паг/

Остани поврзан