• среда, 13 ноември 2024

Итна помош Куманово бележи зголемен број интервенции

Итна помош Куманово бележи зголемен број интервенции

Куманово, 12 септември 2024 (МИА) - Итна помош Куманово бележи зголемен број на интервенции со намалувањето на температурите, информираа денеска од здравствената институција. Лекарите пружаат помош при вртоглавици, зголемен притисок и други здравствени тешкотии особено кај хронично болните лица.

За неколку дена температурите особено утринските и ноќните се спуштија и за 15-тина степени. Ова промена потешко ја доживуваат повозрасните, но не се имуни ниту помладите кои ја чувствуваат промената со болка во зглобови, главоболка.

- Со врнежите, падот на температурата се зголеми и бројот на пациенти кои се јавуваат во итна помош. Oсобено чуствителни се повозрасните со хронични болести, белодробни болести, зголемен крвен притисок. Се јавуваат пациенти со ревтамски заболувања, пациенти кои имаат проблеми со болки во кичма, зглобови, изјави доктор Валентина Тодоровска Трајковска, од Итна помош Куманово.

Помладите полесно се адаптираат кон временските промени. Дел од нив се јавуваат за совети, обично за упорна главоболка.

- Кај повозрасните оди потешко, кај работоспособното население адаптацијата поминува за ден, два, вели д-р Тодоровска.

Од итна помош Куманово информираа дека е зголемен број на интервенции кај млади за интоксикација од алкохол, како и на сообраќајни несреќи. Оттаму апелираат до возачите да внимаваат, да не им опаѓа концентрацијата, да ја приспособат брзината на состојбата на патиштата.

- Промена на температура, влажни коловози имаше зголемен број на сообраќајни незгоди. Намалена е концентрацијата, да бидат особено внимателни. Младите да се воздржат од консумација на алкохол, забележавме зголемен број на интоксикации кај помладите за време на викендите, родителите да се ангажираат околу малолетните деца, изјави д-р Тодоровска.

Лекарите советуваат пациентите да не земаат лекови на своја рака, да си ја пијат редовната терапија, исхраната да се базирана овошје и зеленчук и да се внесува доволно течност. ам/цр


Фото: МИА

 

Остани поврзан