• четврток, 26 декември 2024

Италија се повлече од кинеската иницијатива „Појас и пат“

Италија се повлече од кинеската иницијатива „Појас и пат“

Рим, 6 декември 2023 (МИА) - Италија се повлече од големата кинеска иницијатива за инфраструктура „Појас и пат“, четири години откако стана единствената земја на Г7 што се приклучи, изјави денеска владин извор, јави Радио Слободна Европа.

Долгоочекуваната одлука му беше соопштена на Пекинг пред три дена, пишуваат италијанските медиуми.

Ниту една страна не објави официјална комуникација, но извор од италијанската влада потврдил дека Рим се повлекол.

Премиерката Џорџа Мелони долго време се противеше на учеството на Италија во иницијативата, која многумина ја гледаат како обид на Пекинг да купи политичко влијание и чии придобивки за Рим се ограничени. Договорот требаше автоматски да биде обновен во март 2024 година, освен ако Италија не се откаже до крајот на оваа година.

Италија, членка на Европската унија, групата Г7 на напредни економии и НАТО, се приклучи на „Појас и пат“ во 2019 година под владата на тогашниот премиер Џузепе Конте. Пред да ја преземе функцијата во октомври 2022 година, Мелони рече дека тоа е „грешка“.

Во меѓувреме, Вашингтон предупреди дека Кина може да ја искористи иницијативата како изговор за изградба на воени бази ширум светот во име на заштита на инвестициите на „Појас и пат“. мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан