• недела, 27 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Италијански суд ја одложи екстрадицијата во Белгија на асистентката на европратеник осомничен за примање поткуп

Италијански суд ја одложи екстрадицијата во Белгија на асистентката на европратеник осомничен за примање поткуп

Брисел, 2 април 2025 (МИА) - Суд во италијанскиот град Неапол го одложи префрлањето во Белгија на Лучија Симеоне, асистентка на европратеникот Фулвио Мартусиело осомничен за примање поткуп од кинеската компанија „Хуавеј“, а како причина за таквата одлука ги посочи „условите во белгиските затвори“.  

Носењето одлука за екстрадицијата на Симеоне во Белгија е одложено до 15 април, до кога белгиските власти треба да одговорат на загриженоста на нејзините адвокати за „пренатрупаноста на затворите и недостигот на персонал“. 

Во исто време, адвокатите на Симеоне до Судот треба да достават лекарско уверение што ќе ги потврди нивните тврдења за нејзината „кревка психолошка состојба“. 

Адвокатите на Симеоне се противат на нејзиното префрлање во Белгија, оценувајќи го како „непрепорачливо“, со образложение дека таму можеби нема да и биде изречена мерката куќен притвор, што во моментов ја има во Италија. Тие бараат и известување дали во белгиски затвор на Симеоне би и била достапна на психијатриска нега, како и дали „казнениот систем во Белгија ги овозможува основните човекови права“. 

Доколку Судот оцени дека условите во белгиските затвори не ги задоволуваат италијанските стандарди, би можел да одбие екстрадиција на Симеоне, со што таа ќе го чека судењето на слобода. 

Симеоне беше приведена во Италија на 20 март под обвинение за „злосторничко здружување“, „перење пари“ и „корупција“ во рамки на тековната истрага на белгиското Федерално јавно обвинителство за  поткуп на европратеници од страна на „Хуавеј“ со цел да лобираат во интерес на компанијата. 

Против италијанскиот европратеник Мартусиело, од друга страна, за сега не е покренато никакво обвинение. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан