• сабота, 23 ноември 2024

Италијански експерти: Мобилните телефони ја пренесуваат заразата

Италијански експерти: Мобилните телефони ја пренесуваат заразата
Рим, 17 септември 2020 (МИА) – Мобилните телефони можат да го пренесат коронавирусот, сугерира истражување спроведена на италијанскиот универзитет „Тор Вергата“ во Рим. Истражувачите, предводени од професорот Џанлорето Д’Ало, откриле дека 93 проценти од студентите кои се на пракса во болнички одделенија користат мобилни телефони за време на нивната работа, а само 16 проценти потврдиле дека при тоа носат заштитни ракавици. Истражувањето е спроведено во текот на две учебни години, 2018-2019 и 2019-2020 година, и двата пати беше потврдено дека огромното мнозинство од испитаниците за време на нивниот престој во одделенијата со пациенти користат мобилни телефони, без да користат заштитни ракавици или да менуваат ракавици по користење на мобилни телефони. Само три проценти од испитаниците потврдиле дека ги дезинфицираат своите мобилни телефони секој ден. - Овие навики, користење на мобилен телефон во одделите каде што се пациентите, можат да ги поништат ефектите од процедурите за дезинфекција на кои се подложува медицинскиот персонал кој е во контакт со пациентите, бидејќи рацете, иако претходно биле дезинфицирани, можат да станат извор, односно пренесувач на вирусот поради микроорганизми кои се собираат на телефоните, рече професорот Џанлорето Д'Ало. Авторите на истражувањето сугерираат мобилните телефони редовно да се чистат, а доволно е да се користат салфетки натопени во раствор со најмалку 70 проценти алкохол. Резултатите од студијата се објавени во медицинското списание „Патничка медицина и заразни болести“ (Travel Medicine and Infectious Disease). јт/

Остани поврзан