• среда, 25 декември 2024

Италијанските карабинери донираа униформи и опрема за Шумската полиција вредни 4,2 милиони евра

Италијанските карабинери донираа униформи и опрема за Шумската полиција вредни 4,2 милиони евра
Скопје, 26 септември 2022 (МИА) - Дваесет контејнери со 54 тони униформи и опрема во вредност од 4,2 милиони евра донираа италијанските Карабинери за Шумската полиција на Северна Македонија. Најголем дел од донацијата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска му го предаде италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри, кој потенцира дека ова е уште еден доказ за односите меѓу Северна Македонија и Италија. Николовски му се заблагодари на италијанскиот амбасадор Силвестри потенцирајќи дека дел од опремата се за Шумската полицијата, дел се за армијата со која таа соработува. - Пристигнаа првите 14 од вкупно 20-те камиони со над 6000 парчиња летни и над 11 000 парчиња зимски униформи, над 1600 мантили, 8500 летни кошули, 5600 зимски кошули, како и волнени џемпери, елеци, капи, маици, високи, ниски чизми, разни обувки, кабаници и друга дополнителна опрема за терен. Вкупната бројка на донираната униформа од Италија е 46 000 парчиња или во вредност од над 4,2 милиони евра, истакна Николовски. Униформите, како што нагласи тој, ќе ги користат и припадници и на други институции кои учествуваат во заштита на нашето природно богатство. Припадниците на Шумската полиција минатата година првпат после 12 години, рече Николовски, добија по два сета летни и зимски униформи во вредност од 12 милиони денари, обезбедени со средства од Буџетот на МЗШВ. - Со донацијата на италијанските Карабинери, Шумската полиција ќе биде доопремена со сето она што им е потребно за непречено извршување на задачите, изјави Николовски. Деновиве треба да пристигнат уште шест последни пратки со што донацијата ќе биде целосно испорачана. - Постојат строги протоколи како и во кои моменти може да се отвори, како ќе оди целиот процес на обработка, дистрибуција и така натаму, за што ќе се формираат повеќе работни групи, рече Николовски. Италијанскиот амбасадор Силвестри изјави дека се комплетира донацијата за Шумската полиција, процедура која е отпочната лани и за што логистиката е на Карабинерите, кои ги презеле надлежностите од поранешната италијанска Шумска полиција. - Се работи за униформи за мажи и жени за различните годишни времиња во целосна тежина од 54 тони, пренесени со помош на карабинерите на Италија со 20 контејнери. Нивната количина е толку голема што ќе можат да бидат искористени и од различни единици на полициските сили на Северна Македонија, рече Силвестри. Вашата земја има голема територија која има потреба за заштита од Шумската полиција, додаде тој, посочувајќи дека Италија на овој начин дава конкретна поддршка за засилување на капацитетите за заштита на тие територии. - Оваа поддршка е во согласност со одличната соработка што ја имаме со Министерството за земјоделство. Со Министерството веќе започнавме програма за споделување на италијанските искуства во полето на земјоделство, прехранбената индустрија и животната средина. Веќе започнавме со дел од семинарите, првиот дел се за биолошкото производство, понатаму на земјоделството за време на пандемијата и на прехранбените географски ознаки, рече италијанскиот амбасадор. Наредните семинар ќе биде посветен на географските ознаки и ќе се одржи во рамките на Неделата на италијанската кујна во светот, на која ќе има презентација на италијанската брза храна. На 8 октомври во Музејот на современа уметност ќе биде отворена изложба „Лендарт“ на двајца италијански уметници, направени во националниот парк Шар Планина. - Ова е уште еден знак на внимание на целото шумско и природно наследство на Северна Македонија, рече италијанскиот амбасадор. Силвестри потенцира дека ова е уште еден доказ за односите меѓу Северна Македонија и Италија, што беше, исто така, потврдено и со неодамнешната посета на италијанскиот претседател Серџо Мотарело. Постапката за оваа донација започнала во 2017 година. ев/сп/

Остани поврзан