• сабота, 23 ноември 2024

Италијанскиот остров Лампедуза се соочува со рекорден број чамци со илегални мигранти

Италијанскиот остров Лампедуза се соочува со рекорден број чамци со илегални мигранти

Рим, 12 септември 2023 (МИА) - Италијанскиот остров Лампедуза мора да се справи со рекорден број чамци полни со мигранти, соопштија денеска локалните власти, оквалификувајќи ја ситуацијата како „драматична“.

Повеќето од мигрантите, како што пренесува АНСА, рекле дека дошле од Нигерија, Сиера Леоне, Судан, Чад, Тунис, Гвинеја или Камерун и оти секој од нив на криумчарите платил по околу 5.000 туниски динари (околу 1.500 евра).

Бројот на чамци со мигранти што стигнаа до островот во текот на денот го надмина претходниот рекорд од минатиот месец кога пристигнаа 63, а до крајот на денот се очекуваат околу 80 пловила, изјави началникот на локалната полиција Емануеле Ричифари. Има околу 2.800 мигранти на островот во прифатен центар со официјален капацитет од само околу 400, плус дополнителни над 300 во други делови на Лампедуза.

Сите мигранти треба да бидат префрлени на поголемиот остров Сицилија за да се олесни пренатрупаноста и да се направи простор за новите пристигнувања.

- Ситуацијата е навистина драматична, рече префектот Филипо Романо. - Веројатно ќе стигнеме до 100 чамци кои ќе пристигнат денеска, островот повеќе не може да издржува толку голем број луѓе, изјави градоначалникот Филипо Манино.

Околу 118.500 мигранти пристигнале во Италија со бродови од почетокот на годината, според Министерството за внатрешни работи, што е речиси двојно повеќе од 64.529 регистрирани во истиот период во 2022 година. ссм/

фото: архива

Остани поврзан