• среда, 25 декември 2024

Италијанската премиерка Мелони: Антисемитизмот и расизмот не се споиви со нашата партија

Италијанската премиерка Мелони: Антисемитизмот и расизмот не се споиви со нашата партија

Брисел, 29 јуни 2024 (МИА) - Италијанската премиерка Џорџа Мелони остро ги осуди расистичките и антисемитските изјави на некои членови на младината на владејачката партија Браќа на Италија.

Обраќајќи се пред новинарите во Брисел, Мелони изјави дека антисемитизмот и расизмот се неспоиви со нејзината партија, откако двајца водечки членови на Националната младина поднесоа оставка поради наводни антисемитски коментари кон еврејски сенатор.

- Многупати сум кажала и повторувам, оние кои имаат расистички, антисемитски или носталгични чувства, едноставно погрешно ја разбираат нашата партија, бидејќи тие чувства се неспоиви со Браќа на Италија, неспоиви со италијанската десница и неспоиви со политичката линија што јасно ја дефиниравме во изминатите години, истакна таа.

Мелони исто така го критикуваше методот на известување на Fanpage, левичарски интернет весник, кој објави извештај со видео и аудио снимки од членови на Националната младина кои користат расистички навреди и нацистички поздрави.

Истрагата на Fanpage, насловена „Младината на Мелони“, предизвика шок во редовите на Браќа на Италија, додека Мелони се обидуваше да ја зацврсти репутацијата како умерен глас на европската сцена.

Претседателот на Еврејската заедница во Рим, Виктор Фадлун, ги осуди срамните слики од расизмот и антисемитизмот што произлегоа од истрагата на Fanpage и повика на преземање соодветни мерки против вклучените членови. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан