• четврток, 26 декември 2024

Исчистен дворот на „Беличка палата“ во кичевското село Белица 

Исчистен дворот на „Беличка палата“ во кичевското село Белица 
Кичево, 12 април 2022 (МИА) - Дворот на поранешното основно училиште во село Белица е исчистен од целиот отпад што беше собран по реновирањето на првиот кат од овој објект. Со градежна машина и рачно, поголем број доброволци од селото се вклучија во ова акција и во само два дена целосно му го променија изгледот на овој простор. -Бидејќи во изминатата година се вршеа интензивни градежни активности во реконструкцијата на поранешното училиште во мултифункционален објект, во  дворното место беше насобран градежен шут и други видови материјали. Затоа одлучивме дворот од новоименуваната „Беличка палата“, целосно да го исчистиме од насобраното ѓубре, камења и се што беше тука фрлено и за час да го промениме неговиот изглед, рече иницијаторот на оваа акција Раде Момироски. Тој ги пофали своите соселани кои, како што рече, во голем број се одѕвале на оваа акција. -Како и на претходните акции, така и на оваа локалните жители во голем број се одѕваа и за само два дена целосно го средивме дворното место. Секогаш кога имаме пообемни зафати, поголемиот дел селани се вклучуваат во нив што е за пофалба, додаде Момироски. Појасни дека во наредниот период ќе продолжат градежните активности и на вториот кат од овој мултифункционален објект, каде ќе има повеќе простории кои ќе бидат претворени во пансиони за ноќевање на гости кои ќе ја посетат Белица. Покрај тоа, се планира во објектот да се организираат и работилници, а нивните учесници да имаат простор каде ќе можат да се сместат. Момироски нагласи дека овие простории ќе можат да ги користат и соселаните од дијаспората, чии куќи се потешко оштетени, паднати или неупотребливи.за/вј/  

Остани поврзан