• среда, 25 декември 2024

Исхраната со жива растителна храна како начин на живот во фокусот на првиот Фрут фестивал

Исхраната со жива растителна храна како начин на живот во фокусот на првиот Фрут фестивал

Скопје, 25 август 2024 (МИА) - Во организација на Здружението за одржлив развој на заедницата „Виталност” од Делчево од 11 до 15 септември ќе се одржи првиот македонски фестивал на жива растителна храна. Фестивалот е иницијативата на Симона и Горан Христовски, брат и сестра од Делчево, кои веќе подолг период применуваат исхрана со жива растителна храна.

Тие почнале со исхрана од жива растителна храна во почетокот на 2022 година, кога семејството на Симона Христовски решило да направи промена во исхраната, односно започнало да консумира свежа или сурова храна. 

- Тоа беше периодот кога се уште владееше познатиот вирус, период за кој знаеме какво вијание имаше кај сите. Од едни пријатели дознав за книгата на Ален Додик „Излечете се сами”, која ни беше вовед во живата растителна храна, еден извор на знаење за тоа како исхраната влијае на здравјето на луѓето, односно како храната влијае на секој орган од нашето тело, вели Христовска за МИА.

Тоа за неа и за целото семејство било нешто ново, посебно во периодот во кој и нејзините родители не биле имуни. Тоа било причина плус да почнат со новиот начин на исхрана по што за само три недели ги почувствувале бенефитите од оваа храна.

- Имавме повеќе енергија, помирен сон, почна да се регулира телесната тежина, регулиран крвен притисок, па така решивме пробниот период од три недели да со замениме со еден нов пат, пат со поголемо практично знаење за тоа како да го оптимизираме своето здравје на долгорочен план, појаснува Христовска.

Нејзиниот брат Горан открива од каде дошла неговата идеја за организирање на првиот ваков фестивал во земјава.

- Секоја година, во голем број на земји ширум светот, се одржуваат т.н. фрут фестивали (Fruit Festival), односно фестивали на овошјето, каде се споделуваат бенефитите на живата растителна храна. Симона беше на таков фестивал во Англија минатата година, а јас бев во Србија, па по тие примери решивме да организираме таков фестивал и кај нас, каде луѓето ќе научат како и зошто се конзумира свежа растителна храна, кои се бенефитите и како самите можеме да си помогнеме, открива Христовски.

Иако се именувани како фестивали на овошјето, бидејќи овошјето е застапено во најголем процент во оваа исхрана, според Христовски, овие настани промовираат исхрана со овошје, зеленчук и јатки, термички необработени. Покрај промовирањето на таквите настани се споделуваат искуства, се одржуваат предавања и презентации од бенефитите од овој вид на исхрана, се споделуваат рецепти и начин на подготовка на храната, со цел подобрување на здравјето на луѓето на природен начин.

Програмата за настанот ќе има повеќе содржини од едукативен и забавен карактер, а дел е посветен и на физичката активност. Деновите започнуваат со раздвижување на телото преку фитнес часови или јога, а потоа ќе продолжи со едукативни предавања од предавачи со повеќегодишно искуство со исхрана на жива растителна храна. 

Покрај едукативните предавања, огромно внимание на фестивалот ќе биде посветено на храната, природно одгледана, култивирана специјално за фестивалот, каде сите ќе можат да ја вкусат убавината на македонското овошје и зеленчук.

Еден од предавачите на првиот фестивал на овошјето ќе биде д-р Даглас Грем, долгогодишен спортист и промотер кој практикува исхрана со жива растителна храна уште од 1978 година. Како советник на познати и мотивирани спортисти и тренери од целиот свет има издадено многу книги за здравје и сурова храна.

- На фестивалот презентации ќе одржат и Рафаел Реш од Австрија и Хариет Кјаер од Шпанија. Рафаел ја спроведува исхраната 80/10/10 од февруари 2018 година и е сертифициран тренер за исхрана 80/10/10 и заедно со неговиот тим организираат фестивали на свежо овошје во Австрија, а Хариет веќе 12 години применува исхрана со жива растителна храна и успешно учествува на ултра маратони во Шпанија, каде последниот маратон од 200 км го заврши претходниот месец, велат организаторите на првиот Фрут Фестивал во земјава.

За време на  настанот, шеф на кујната ќе биде Шари Летерман од Флорида, која ќе ги подготвува оброците на фестивалот, а предвидено е и да држи и обука како најдобро се комбинираат намирниците, преку правење рецепти и споделување на своето 20-годишно искуство со подготовка на жива растителна храна.

На прашањето што дополнително може присутните да очекуваат на фестивалот, Горан Христовски вели дека најважната информација која ќе биде споделена на фестивалот е дека постои опција за целовито здравје. 

- Присутните ќе слушнат како храната влијае на здравјето, како ние го третерираме нашето тело, т.е. самите нас. Кое гориво му е потребно на телото за оптимално здравје, на долгорочен рок. Како што спомнавме, ќе има часови со функционален фитнес, тегови, пливање, на еден поинаков, забавен начин. Најбитното од се, присутните ќе добијат поддршка на нивниот пат кон оптимално здравје, градење на заедница, релаксирачка атмосфера, дружба и забава. Секако, природно одгледана храна, вкусно подготвена на интересни и несекојдневни начини, додава Христовски. 

Како најава за фестивалот, Христовска додава дека присутните, особено спортистите, ќе можат да научат како да имаат оптимална подготовка за следниот маратон со практични работилници и совети од Хариет Кјаер од Барселона, која на возраст од 50 години трча маратони од 200 километри.

Од Здружението за одржлив развој на заедницата „Виталност” ги поканија сите заинтересирани да присуствуваат на првиот фестивал на жива растителна храна, што ќе се одржи во хотелот Дишли во струшкото село Радожда. вс/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан