• четврток, 26 декември 2024

Истражување: ЦИА со ЛСД се обидела да го контролира човечкиот ум

Истражување: ЦИА со ЛСД се обидела да го контролира човечкиот ум

Вашингтон, 7 декември 2020 (МИА) - Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) била убедена за време на Студената војна дека комунистите откриле дрога или техника што ќе им овозможи да го контролираат човечкиот ум, па затоа ја започнале тајната програма МК-УЛТРА за наоѓање оружје за контрола на умот што би било оружје против непријателот. Програмата ја водел хемичарот Сидни Готлиб.

Тоа е откриено откако документите се декласифицирани од експериментот од 60-тите години на минатиот век, спроведен и во Канада под надзор на Еван Камерон.

Целта на тој проект беше да се контролира човечкиот ум со лекови и методи како што се хипноза, па затоа, од јануари 1957 година до септември 1960 година, ЦИА му дала на Камерон средства во износ од денешните половина милион долари.

Некои од експериментите на Готлиб беа скриено финансирани на американски универзитети и истражувачки центри, додека други беа спроведени во американски затвори и притворни центри во Јапонија, Германија и Филипини, изјави новинарот на радиото НПР, Стивен Кинцер, кој го истражуваше проектот веќе неколку години.

Готлиб е роден во Бронкс во еврејско семејство од Унгарија, дипломирал хемија на Универзитетот во Висконсин, каде негов ментор бил Ајра Болдвин, директор на тајната американска програма за развој на биолошко оружје.

Готлиб почна да работи во ЦИА летото 1951 година, кои во тоа време беа особено заинтересирани за ЛСД, кој за првпат беше синтетизиран од швајцарскиот хемичар Алберт Хофман во 1938 година.

Контролираните студии на пациенти кои имале ментални проблеми покажале дека ЛСД има смирувачко дејство, па затоа во раните 1950-ти ЦИА му наложила на Готлиб да ги купи сите залихи на светот на тој психоактивен лек, што тој го стори и започна да се шири во болниците и психијатриските клиники, затвори и други институции, со цел да се открие како реагираат луѓето на дрога и дали таа може да се користи како средство за контрола на умот.

Секако, сето ова се одвиваше во строга тајност, а првите волонтери во истражувањето беа агенти и научници на ЦИА, вклучувајќи го и самиот Готлиб, кој подоцна призна дека земал ЛСД повеќе од 200 пати.

Покрај ЛСД, во експериментите многу се користеле мескалин, кокаин и марихуана, а волонтерите кои земале ЛСД за време на експериментите го сметале за многу пријатно искуство во многу случаи и им кажале на своите пријатели, вклучувајќи го и писателот Кен Кејси, познат по книгата „Лет над кукавичкото гнездо“, текстописецот Роберт Хантер и поетот Ален Гинцберг.

Според еден од затворениците кој учествувал во експериментот, многу учесници биле изложени на психолошка тортура, почнувајќи од електрошок до високи дози на ЛСД.

На пример, во еден проект, деца на возраст од шест до 11 години на кои им беше дијагностицирана шизофренија, добиваа ЛСД секој ден во период од шест недели, а ЦИА воведе надзор врз голем број бордели за да проучат како влијае комбинацијата на секс и лекови врз подготвеноста на мажите да откриваат тајни.

Кинцер наведува дека Готлиб сакал да открие како може да се преземе контрола над човечкиот ум и сфатил дека тоа е процес од два дела.

„Прво, морало да го „скршат" постојниот ум. Второ, мораше да најдат начин да вметнат нов ум во таа нова празнина. Не знаеме колку луѓе починаа, но многу животи се трајно уништени. На крајот, Готлиб заклучи дека контролата на умот не е можна“, рече Кинцер.

Проектот МК-УЛТРА запре во 1973 година кога тогашниот американски претседател Ричард Никсон го отпушти Ричард Хелмс, директорот на ЦИА и заштитник на Готлиб, но пред да започне судењето на Конгресот, Хелмс нареди да се уништат сите документи што се однесуваат на монструозниот проект.

Сепак, дел од документите се зачувани, а истрагата иницирана од американскиот Конгрес се засновала на сведочења на бројни сведоци.

Откако проектот беше затворен, Готлиб продолжи да ја води програмата на ЦИА која создаваше отрови и високотехнолошки уреди за шпиони, а меѓу 1975 и 1977 година тој неколку пати сведочеше пред членовите на двата комитета на американскиот Конгрес.

Неговиот адвокат го нарече „Доктор Смрт“, а самиот Готлиб за време на неговото сведочење во Конгресот тврдеше дека не се сеќава на огромни делови од своето време во ЦИА, но многу луѓе сфатија дека се жртви на неговите експерименти.

Следуваа години судски спор и на крајот се појави можноста Готлиб да биде осуден, но тоа не се случи.

Готлиб почина во неговиот дом во Вирџинија во 1999 година на 81-годишна возраст. паг/

Остани поврзан