• среда, 18 декември 2024

Истражување: Периодите на промена на власт најсилно влијаат врз времените вработувања и консултантските услуги во јавниот сектор

Истражување: Периодите на промена на власт најсилно влијаат врз времените вработувања и консултантските услуги во јавниот сектор

Скопје, 30 мај 2024 (МИА) - Изборните процеси влијаат на динамиката на привремените вработувања и консултантските услуги во јавниот сектор, но најсилно влијание имаат периодите на промена на власта. Ова го покажува истражувањето на Здружение за истражување и анализи (ЗМАИ), во рамки на проектот за Следење на можна злоупотреба на државните ресурси, поддржан од НДИ, а финансиран од Националната фондација за демократија (НЕД).

Еден од клучните наоди на истражувањето, го потврдува очекувањето на јавноста во однос на вработувањата - имено, иако изборните процеси имаат влијание на привремените вработувања и редовните вработувања, поголемо влијание на истите имаат владите, особено во периоди на промена на владејачките структури.

Во истражувањето се забележува дека кај времените вработувања и консултантските услуги има промена во нивниот обем по промената на власта. Додека едни владејачки гарнитури ги преферирале консултантските услуги, други повеќе ги користеле привремените вработувања. По промена на власта гледаме поголеми исплати за привремени вработувања, а како што поминува времето истите опаѓаат. Намалувањето веројатно се должи на растот на редовните вработувања, односно трансформација на привремените вработувања во редовни.

-Интересна е динамиката каде на почетоците на функционирање на одредена владејачка структура гледаме раст на привремените вработувања и консултантските услуги. Како што поминува времето, ваквите ангажмани се намалуваат, што може да се должи на трансформација на работниот однос во редовно вработување, велат истражувачите.

Извршниот директор на ЗМАИ, Виктор Митевски, вели дека анализата на податоците покажува дека изборните циклуси влијаат значајно на тековите во привремените и постојаните вработувања, како и ангажирањето на одредени консултантски услуги и други договорни услуги во нашиот систем.

-Можеме да забележиме дека кај привремените вработувања и консултантските услуги една политичка гарнитура преферира едно, а со промената на власта се случува и промена на преферираната опција, односно во периодот од 2010 до 2016 година консултантските услуги имаат многу поголемо значење во однос на привремените вработувања, а со промената на власта привремените вработувања го земаат приматот, односно ова ни кажува, како што кажав, дека различни политички гарнитури преферираат различен начин на времено ангажирање на лица, истакна Митевски.

Посочи дека кога ќе споредиме со постојаните вработувања во јавниот сектор коишто се можеби и покомплицирани за владите за да ги користат во брзо време, забележуваме дека по одредени изборни циклуси имаме задоцнување од една година каде што забележуваме зголемување на бројот на вработени во јавниот сектор.

Тоа, според него, значи дека на новите влади потребна им е барем една година за да можат да почнат да ги ефектуираат новите постојани вработувања во системот.

-Другите договорни услуги се ставка која што во системот навистина се користи за многу голем број на активности. Тоа што нам не’ интересираше беше делот на ангажманот во рамки на другите договорни услуги. Кај нив видовме дека со згаснувањето на одредени институции најголемите трошења се враќаат во нормала, односно што значи тоа – со воведувањето на Советот за јавни набавки и Специјалното јавно обвинителство по 2016 година забележуваме десеткратно зголемување на овој дел од другите договорни услуги за ангажирање на лица и по нивното згаснување трендот повторно се враќа на некое ниво пред 2016 година, вели Митевски.

На прашањето ако е потребно една година да помине за да се зголеми бројот на вработувања, дали во таа година се намалуваат оние коишто се на договор на дело, Митевски вели дека во одредени периоди тоа се забележува.

-Во 2015 е интересен момент кога се прави трансформација на работниот однос на голем дел од вработените во јавната администрација со договори на дело или привремени вработувања и во тие години забележуваме зголемување на постојаните вработувања во јавниот сектор, нагласува Митевски.

Доколку анализираме малку подолги временски серии, додава тој, гледаме дека како што поминува периодот на владеење на една одредена влада на почетокот после една година имаме зголемување, но повторно после една – две години се забележува тренд на намалување на бројот на постојано вработени во јавниот сектор.

-Тоа може да има многу фактори коишто би влијаеле на таквиот тренд, но најчесто е и конкурентност, мобилност на работната сила. А ако зборуваме на подолг рок гледано од денешна перспектива тоа ќе биде и тренд – намалувањето на бројот на јавна администрација и природно ќе дојде затоа што и бројот на жители/граѓани на оваа земја се намалува, вели тој.

Вели дека не забележале тренд нова власт да отпушта лица ангажирани со договор на дело.

-Не забележавме таков тренд затоа што договорите на дело некако во континуитет имаат некој опаѓачки тренд, освен во периоди после изборите. Но, оваа слика јасно ќе ја видиме во моментот кога Министерството за јавна администрација и информатичко општество ќе ни ги даде на располагање податоците од извештаите за плановите за вработување, истакна тој.

За Митевски, она што е најтешко за следење е фрагмантираниот систем и следењето на локалните самоуправи.

-Ние во моментот освен трезорскиот систем каде што можеме да ги видиме трошењата, ние немаме една централна база со сите останати процеси. Морам да напоменам дека трезорскиот систем во здравството кај нас функционира како засебен трезорски систем, не е дел од трезорскиот систем на Министерството за финансии. За жал, сите овие трендови коишто ги гледаме од аспект на трошење не ги опфаќаат здравствените институции. Ако е нешто кое што треба во иднина како систем, како граѓански сектор да се залагаме е да имаме поголема отвореност на финансиите и трезорскиот систем во здравството, истакна тој.

Роберт Скот Хејзлет, виш директор на НДИ, кажа дека злоупотребата на државните ресурси ги поткопува принципите на добро владеење, еднаквост и правда, што доведува до широко распространети негативни последици за општеството. 

-Злоупотребата на државните ресурси е пречка за развојот. Владеењето на правото и етичките стандарди се поткопани. Економскиот раст се уназадува. Довербата во институциите е намалена. Ранливите заедници не се доволно услужени кога средствата се пренасочуваат кон неколку избрани групи. Исто така, кога функционерите ја користат моќта за лична корист, тоа ја нагризува ефикасноста и ефективноста на владините служби. Кога државните ресурси се користат за политички цели, тоа може да го искриви изборниот резултат, посочи Хезјлет.     

-Со користење на јавно достапни податоци и нивно вкрстување, ЗМАИ ќе создаде интерактивна платформа која ќе се користи за да се идентификува влијанието врз изборните процеси врз јавните набавки, вработувањето во јавниот сектор и финансирањето на политичките партии. Овој софтвер е иновативно решение кое ќе идентификува повторувачки шеми на однесување. Овој софтвер и сите анализи ќе придонесат кон подобрување на начинот на кој се управуваат јавните финансии. Анализата презентирана денеска е прва во низата и се однесува на влијанието на изборните процеси врз привремените и редовните вработувања во јавната администрација, посочи Хејзлет.  

Тој истакна дека кога се формираат владите, има зголемување на привремените вработувања и консултантски услуги и додаде дека со текот на времето, овие ангажмани се намалуваат, што може да се припише на трансформацијата на кадарот од привремено ангажиран во статус на државен службеник. 

Александра Крстеска, виша менаџерка на програми во НДИ и одговорна за проектот за следење на можна злоупотреба на државните ресурси во избори, вели дека НДИ заедно со ЗМАИ очекуваат да развијат дигитална платформа која што ќе ги користи отворените податоци кои ни се достапни и ќе ги вкрстува со цел да се следи можното влијание на изборните ресурси за време кога се спроведуваат јавните набавки, но исто така и привремените и постојаните вработувања во државниот сектор, но исто така ќе го следиме и финансирањето на политичките партии.

-Преку овој процес се надеваме како НДИ дека ќе можеме да влијаеме на подобрување на целокупниот изборен процес, односно подобрување на легислативата каде што е потребно, а со тоа и да создадеме едни поодговорни институции коишто ќе одговорат на барањата на граѓаните за отвореност и транспарентност, истакна Крстеска.

Ова е прва анализа за влијанието на изборите врз вработувањата во јавниот сектор, консултантските и другите договорни услуги.

Анализата се базира на јавно достапни податоци за остварени буџетски трансакции од open.finance.gov.mk за период од 2010 до 2023 година (при што не се земени податоци за јавното здравство и Фондот за здравствено осигурување бидејќи не се јавно достапни) и на податоци за број на редовно вработени од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) за период од 2015 до 2023 година. нд/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан