• среда, 13 ноември 2024

Истражување: Овошјето и зеленчукот корисни за мозокот кај тинејџерите

Истражување: Овошјето и зеленчукот корисни за мозокот кај тинејџерите
Лондон, 26 октомври 2021 (МИА) - Ново научно истражување спроведено во Велика Британија покажува дека исхраната богата со свежо овошје и зеленчук може да биде корисна за менталниот развој, особено кај тинејџерите. Трудот објавен во списанието „Би-Ем-Џеј“ покажува дека поголемиот внос на овошје и зеленчук е во голема мера поврзан со подобро психичко здравје кај средношколците. Натаму, испитувањата покажуваат дека хранливиот појадок и ручекот се поврзани со емоционалната благосостојба, без оглед на возраста. Истражувачите, инаку, направиле анкети во над 50 училишта во Велика Британија. Речиси 11.000 ученици учествувале во анкетата, па податоците покажаа дека просечната оценка за здравјето е 46,6 од 70 за средношколците и 46 од 60 за учениците од основните училишта. Точно 25 отсто од средношколците и 28,5 отсто од основците пријавиле дека ги јаделе препорачаните пет порции овошје и зеленчук дневно. Десет и девет отсто, соодветно, не јаделе овошје и зеленчук. Околу 21 отсто од средношколците и 12 отсто од основците внесувале само неенергетски пијалок или ништо за појадок, додека околу 11 отсто го прескокнувале ручекот. Истражувањето покажа дека колку повеќе порции овошје и зеленчук дневно јадат учениците, толку е подобар нивниот резултат на скалата за ментално здравје. „На фундаментално ниво, потребна е соодветна исхрана за да се обезбедат состојките за развој и функција на телото и кај децата и кај возрасните, вклучувајќи го растот и обновувањето на клетките, синтезата на ДНК-та, невротрансмитерите и метаболизмот на хормоните, што е особено критично за децата во однос на развојот на мозокот“, се вели во трудот. Истражувачите сметаат дека ова нивно истражување може да ги поттикне одговорните да усвојат политики што ќе им помогнат на децата да добијат поголем пристап до хранлива и свежа храна во и вон училиштето.  си/сд/

Остани поврзан