Истражување на Галуп: Македонските граѓани сметаат дека супер сили во следната деценија ќе бидат САД, Русија и Кина
- Македонските граѓани сметаат дека САД, Русија и Кина ќе бидат супер сили во следната деценија, покажуваат најновите резултати од истражувањето на Галуп интернешенел, насловено „Крајот на годи
Скопје, 25 февруари 2021 (МИА) - Македонските граѓани сметаат дека САД, Русија и Кина ќе бидат супер сили во следната деценија, покажуваат најновите резултати од истражувањето на Галуп интернешенел, насловено „Крајот на годината“.
На прашањето „која од следниве сили ќе биде супер сила во 2030 година“, 65 отсто од граѓаните во земјава одгвориле дека тоа ќе биде Русија, 60 проценти одговориле дека тоа ќе бидат САД, а 57 отсто рекле дека Кина ќе биде супер сила на крајот од оваа деценија.
Вкупно 29 проценти од анкетираните одговориле дека супер сила ќе биде Европската Унија, 36 отсто дека тоа ќе биде Јапонија, 26 отсто Велика Британија и пет отсто дека тоа ќе биде Индија.
На прашањето „што мислите за меѓународните политики на следните четири суперсили – дали нивните политики го стабилизираат или дестабилизираат светот“, 43 отсто одговориле дека САД го стабилизираат светот, таков став за Русија имаат 30 проценти, за Кина 20 отсто и за ЕУ 43 проценти.
Вкупно 56 отсто одговориле дека Кина го дестабилизира светот, 54 отсто сметаат дека тоа го прави за Русија, 48 проценти САД и 37 отсто ЕУ.
Во Северна Македонија истражувањето го спроведе БРИМА со телефонска анкета со репрезентативен примерок од 500 испитаници.
Истражувањето на глобално ниво опфати 44 земји во светот и повеќе од 42.000 возрасни граѓани.
Педесет и шест отсто од луѓето ширум светот се согласуваат дека во 2030 година САД и понатаму ќе бидат суперсила.
На глобално ниво заклучоците и хипотезите се дека САД и Кина - кои се најголемите суперсили сега, се очекува да продолжат да бидат тоа и во следната деценија, но исто така се сметаат и за главен дестабилизирачки фактор ширум светот. Русија не е исклучок во тој поглед, но во споредба со пред две години, предизвикува помалку стравови, додека Кина ги зголемува. ЕУ се смета како најстабилизирачки фактор, но не се очекува повеќе да биде меѓу суперсилите, наведува Галуп интернешенел.
Следните десет години, Кина и САД ќе останат водечки сили - според мнозинството од анкетираните граѓани низ целиот свет. Русија, исто така, се смета како суперсила во блиска иднина, но со помала сигурност. Европската унија повеќе нема да игра централна меѓународна улога - барем не како суперсила. Истото важи и за Обединетото Кралство. Ниту Индија и Јапонија не се перципираат како идни глобални суперсили. Во текот на последните години, политичкото влијание на Кина добива сè повеќе внимание низ целиот свет. Трговските тензии меѓу Кина и САД од последните неколку години докажа дека Кина го потврди своето место како лидер на политичката мапа, наведува Галуп.
Според мнозинството анкетирани низ целиот свет, ЕУ нема да биде меѓу суперсилите. Третина сепак верува во спротивното. Повеќе оптимисти за важноста на ЕУ на меѓународно ниво се луѓето од Блискиот Исток и Латинска Америка. Се чини дека повеќе скептични се самите Европејци, особено граѓаните на западните земји на ЕУ, се додава во истражувањето на Галуп.
САД се очекува да продолжат да бидат суперсила, според повеќето од испитаниците ширум светот, но во исто време се сметаат за најдестабилизирачка сила. Повеќе од половина од испитаниците низ целиот свет мислат така. Третина го делат спротивно мислење, а останатите не знаат. Повеќето луѓе ширум светот сметаат дека и политиката на Русија е прилично дестабилизирачка.
Според истражувањето, перцепцијата за Кина ширум светот е идентична со онаа за САД и Русија - околу половина од анкетираните ја сметаат земјата како дестабилизирачки меѓународен фактор, а третина оценуваат дека Кина е прилично стабилизирачка.
Истражувањето покажува дека иако не се очекува да остане суперсила во наредните десет години, ЕУ е единствената суперсила во моментов која е оценета како прилично стабилизирачка - најголем дел од одговорите ширум светот се во прилог на тоа мислење. Двајца од петмина сметаат дека Унијата е стабилизирачки фатор, третина вели дека е дестабилизирачки фактор за светот и четвртина се двоуми околу одговорот.
Со оглед на се, нема цврсто мнозинство дека постои меѓународна суперсила што се смета дека е стабилизирачки фактор, заклучува истражувањето на Галуп интернешенел. нд/сп/