• сабота, 28 декември 2024

Истражување: Нашиот изборен модел е еден од најпропоционалните во Европа

Истражување: Нашиот изборен модел е еден од најпропоционалните во Европа

Скопје, 6 април 2023 (МИА) - Актуелниот изборен модел во земјава веќе е еден од најпропоционалните модели во Европа, односно еден од моделите којшто најмногу одат во полза на тоа да има повеќе партии во Парламентот, а со тоа е и релативно поповолен за помалите партии, изјави политикологот Кристијан Фидановски на денешната презентација на истражувањето „Северна Македонија на европската изборна мапа: Колку е порпорционален македонскиот изборен модел?“.

- Тука имаме една мала контрадикторност со оној момент кога малите партии се тие коишто вообичаено се залагаат за уште поголема пропорционалност на моделот, но ние заклучивме дека веќе со севкупниот ранкинг што го направивме врз база на четири параметри, е дека македонскиот изборен модел е втор од 32 европски држави, според својата пропорционалност, што упатува на тоа дека можеби треба да се размисли или за зачувување на актуелниот изборен модел или барем да се биде внимателен при евентуална промена за уште повисока пропорционализација, за каква што се залагаат поборниците на овие изборни реформи, нагласи Фидановски, кој е еден од коавторите на истражувањето, заедно со Влора Речица, истражувачката и раководителка на Центарот за парламентарна поддршка и демократизација во рамки на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС).

Фидановски и Речица истражувањето го спровеле заедно со ИДСЦС со цел да направат компаративна студија за изборните модели во Европа и како земјава се вклопува во таа приказна на европско ниво, за што биле инспирирани од разговорите во последниве неколку години околу конкретни идеи за законски промени во насока на пропорционализација на изборниот модел, однос околу дебата за т.н. една изборна единица.

- Ние со мојата коавторка сакавме малку да го прошириме тој разговор и да се фокусираме на некои други параметри од изборните модели, значи не само за бројот на изборни единици, туку да го разгледаме и изборниот праг дали воопшто го има и ако го има колкава е неговата висина, бројот на пратеници по глава на жител и изборната формула која што се користи во различни европски држави, додаде Фидановски.  

Тој посочи дека целта на секој изборен модел е да ја преточи волјата на граѓаните изразена преку нивните гласови на избори во број на пратенички места, тоа во ниту една држава не е перфектно пропорционално, бидејќи постои тенденција да се избегне преголем број на партии во парламентите, бидејќи во таков случај може да биде многу тешко да се формира влада, потоа таа да се одржи, да биде ефикасна и да се доаѓа во ситуација да има премногу често предвремени парламентарни избори.

- Изборниот модел мора да биде компромис помеѓу застапеноста на граѓаните во Собранието, односно колку нивните гласови се соодветно преточени во пратенички места, но и овие други моменти што ги споменав пред малку во однос на доброто владеење, кои би биле загрозени доколку моделот е премногу пропорционален, нагласи Фидановски.

Според него, воведувањето на една изборна единица во земјава би го направила изборниот модел уште попропорционален отколку што е.

- Значи, изборната формула е единствениот дел од овие четири параметри што ние ги разгледувавме, која што навистина им оди во прилог на поборниците за промена на моделот, бидејќи Д’Онтовата формула, која што се користи кај нас, навистина е доста рестриктивна кон помалите партии во споредба со други формули коишто се користат во Европа. По сите овие други параметри - бројот на пратеници по глава на жител, изборниот праг и големината на изборната единица или бројот на изборните единици - актуелниот модел е веќе исклучително пропорционален, ако се погледне компаративно ширум континентот, потенцира  Фидановски.

Тој потенцира дека дури и да воведеме модел на една изборна единица, застапеноста на политичките партии би зависела од висината на поставениот изборниот праг, нагласувајќи дека една анализа на Националниот демократски институт (НДИ), утврдила дека доколку и се воведе една изборна единица при изборен праг од пет проценти, врз основа на проекција од неколку последни изборни циклуси, би резултирала со помал број партии во Собранието од сегашниот.

- Токму затоа ние сакаме пошироко да се води оваа дебата, да не се зборува само за бројот на изборни единици, бидејќи тоа е една комплексна сложувалка која што многу зависи од овие други делови, меѓу другото и од изборниот праг, а не само од делот на бројот на пратеници, изјави Фидановски.  

Тој нагласи дека нивна препорака како автори на ова истражување е многу да се размисли околу сите потенцијални негативни ефекти од дополнителната пропорционализација на изборниот модел врз доброто владеење, односно врз можностите за формирање на владејачки коалиции или стабилност на веќе формираните влади.

- Многу застапеност е супер, но не и по преголема цена за доброто владеење, заклучи Фидановски.

Во презентацијата на истражувањето Речица истакна дека анкетите покажуваат конфузија кај граѓаните за изборните реформи, кои во основа и немаат доволно познавање за тоа што би значеле овие промени на изборниот модел.

- Една од нашите главни премиси кога ја почнавме анализата на беше да се фокусиравме на тоа кои партии колку мандати ќе добијат, затоа што би навлегле во друга тематика, туку да утврдиме што би значело промената на изборниот модел за процесот на демократизација на државата.

Затоа се фокусирала не прашањето за промена на изборниот модел со воведување на една изборна единица, за која има се уште активна иницијатива во Собранието, а фаза на формирање е и работна група во Министерството за правда со задача токму посветена на промената на Изборниот законик.

- Сакаме да биде од помош на Министерството за правда и на актерите вклучени во тоа работно тело и затоа ја изработивме оваа студија, истакна Речица.

Директорот на ИДСЦС, Марко Трошановски истакна дека за тоа колку Собранието ја врши својата претставувачка функција, кај граѓаните преовладува ставот дека пратениците повеќе ги застапуваат интересите на партиите, сопствените или интересите на бизнис елитите, отколку на избирачите.

- Постои и перцепција дека е потребна промена на начинот или моделот на кој се избираат парламентарните претставници. Таа перцепција е исклучително висока и луѓето сметаат дека треба да има промени, истакна Трошановски.

Тој нагласи дека анкетите покажуваат дека над половина од граѓаните сметаат дека треба да има промена на моделот со воведување на една изборна единица.  

- Во таа насока сакаме да понудиме емпириски заснована студија, компаратив на пракса на 32 држави во Европа, што се заснова токму на статистички параметри, преку кои доаѓаме до одредени заклучоци. Сметаме дека оваа дебата за изборниот модел мора да се води врз основа на емпириски параметри. Бидејќи изборниов модел во голема мерка го дефинира и политичкиот пејзаж, еволуцијата на политичката култура и демократската дебата во земјата, а токму конструктивна дебата во Собранието водена од пратеници избрани на вистинскиот начин е предуслов за унапредување на условите за демократизација, заклучи Трошановски.

Судија го анализира степенот на пропорционалност помеѓу распределбата на гласови и распределбата на пратенички места во македонскиот изборен модел, преку споредба со 31 друга европска држава.

Истражувањето утврдува дека земјава се одликува со значително натпросечна пропорционалност според три клучни елементи на изборните модели: големината на изборните единици (на делба на шестото место од 32 држави), (не)постоењето на изборен праг и неговата евентуална висина (на делба на првото место) и бројот на пратеници (на делба на шестото место). Единствен исклучок е изборната формула, каде земјава ја користи најмалку пропорционалната Д’Онтова формула, која меѓутоа е и најчестата во Европа.

- Со оглед на исклучително високата пропорционалност на актуелниот изборен модел, оваа студија проблематизира дел од аргументацијата на поборниците за изборни реформи кон (уште) повисока пропорционалност. Во согласност со постоечките сознанија во политичките науки за негативните страни на високо пропорционалните изборни модели, посочуваме дека евентуалното воведување на (уште) попропорционален изборен модел би можело сериозно да го загрози формирањето и стабилноста на извршната власт, на тој начин (дополнително) ослабувајќи ја македонската демократија, се заклучува во истражувањето.. сп/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан