• петок, 27 декември 2024

Истражување: Кина и САД се најизложени на последиците од климатските промени

Истражување: Кина и САД се најизложени на последиците од климатските промени

Пaриз, 20 февруари 2023 (МИА) - Областите на Кина и САД се од клучно значење за светската економија, но се најмногу изложени на деструктивните ефекти од климатските промени, заклучува студијата објавена денеска, која ги анализира ризиците за зградите и инфраструктурата.

Aвстралиска компанија за проценка на климатскиот ризик, XDI, која работи за инвеститори или финансиски аналитичари, прегледа повеќе од 2.600 територии ширум светот.

Според класификацијата на компанијата, три земји се најпогодени - САД, Кина и Индија.

„Тие во суштина се мотори на светската економија, каде што е концентрирана голема инфраструктура“, изјави претставникот на компанијата Карл Малон.

Најизложени се некои кинески провинции како Џиангсу, Шандонг и Хебеи, а во САД тоа се Флорида, Калифорнија и Тексас. Загрозени се и области во Индија, Индонезија и Бразил.

Во Европа, германската Долна Саксонија и францускиот регион О-де-Франс се изложени на најголем ризик.

XDI се фокусираше на ризикот од неколку ефекти од глобалното затоплување, како што се поплави на реки и површини, поплави на крајбрежјето, екстремни горештини, шумски пожари, лизгање на земјиштето (поврзани со суша), екстремни ветрови и феномени на замрзнување и одмрзнување. паг/

Остани поврзан