• среда, 25 декември 2024

Истражување: Интернетот ја прави авантурата попривлечна од стабилната врска

Истражување: Интернетот ја прави авантурата попривлечна од стабилната врска

Прага, 8 јyли 2024 (МИА) - Во ерата на интернетот и социјалните мрежи се појави нов феномен којшто, според стручаците, им отежнува на луѓето да ја пронајдат „вистинската личност“, објави „Мејл онлајн“.

Новото испитување е претставено на годишната Конференција на Друштвото за експериментална биологија во Прага, Чешка, оваа недела. Истражувањето открива дека младите луѓе страдаат од тн. „конфузија на социјалните медиуми“ предизвикана од страниците и апликациите за запознавање. Имено, овие интернет-страници го зголемуваат искушението и желбата за нов партнер, што ги соочува луѓето со помала веројатност да се задржат подолго време во една врска, велат истражувачите.

Покрај тоа, интернет-корисниците се поповрзани со поатрактивни или побогати луѓе од кога било досега, што ги искривува нивните очекувања од потенцијалниот партнер.

Претпоставките говорат дека луѓето на возраст меѓу 18 и 30 години веќе го ценат „задоволството“ повеќе од долгорочната стабилност. Изборот на една личност за партнер е сложен психолошки процес на којшто ефективно влијаат многу социјални фактори, вклучувајќи го изгледот, карактерот и финансиската состојба - како што вели Чајан Мунши, предводникот на испитувањата.

Се проценува дека денес, на пр. 60 милиони луѓе во САД користат платформи за запознавање, а 117 милиони лица се „самци“.

Во анкетата, учесниците се прашувани: „Дали се чувствувате збунето при изборот на животен партнер?“, „Кои се Вашите критериуми за избор на животен партнер?“, „Дали сè уште барате други партнери и кога веќе сте во стабилна врска?“ и „Дали сакате да прејдете на 'подобра можност' кога избирате животен партнер?“

Според тоа, жените се чувствуваат повеќе збунети кога бараат партнер отколку мажите.

Општо земено, несигурноста на луѓето за тоа со кого всушност да се гледаат ја попречува нивната способност да го изберат „вистинскиот“ партнер. Оние кои се веќе во врска често преземаат апликација за запознавање само за да видат други „можности“.

- Тоа ја поттикнува импулсивноста на сметка на воспоставувањето стабилна врска, вели Мунши.

Уште повеќе, зголемувањето на пристапот до привлечни или сексуално стимулирачки содржини го искривува она што луѓето го очекуваат од можниот партнер - вклучувајќи го нивниот изглед, личноста, финансиската состојба итн. имено, со напредокот на вештачката интелигенција и филтрите, луѓето ги менуваат своите фотографии за да изгледаат подобро и поубави - со помазна кожа, сјајна коса, разубавено лице и други примамливи, но прилично нереални квалитети.

- Ова создава искривен поглед на реалноста кај младите, што води до конфузија околу изборот на потенцијалните животни партнери, вели Мунши.

Сепак, авторите на испитувањето појаснуваат дека се потребни дополнителни истражувања за подобро да се разбере како општествените ставови го поттикнуваат притисокот кај младите во светот на интернет-запознавањето. Резултатите покажуваат дека „индексот на задоволство“ или „адреналинскиот налет“ на врските станал поважен од долгорочната стабилна врска, што може да влијае на менталното здравје на младите, велат истржувачите.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан