• вторник, 24 декември 2024

Истражување: Значаен процент од младите веќе стекнале зависност од играње игри на среќа, се бара воведување програми за лекување зависност од коцкање

Истражување: Значаен процент од младите веќе стекнале зависност од играње игри на среќа, се бара воведување програми за лекување зависност од коцкање

Скопје, 20 ноември 2024 (МИА) - Значаен процент од младите во Република Северна Македонија веќе стекнале зависност од играње игри на среќа, беше истакнато на денешната прес-конференција на Здружението ХОПС - Опции за здрав живот - Скопје, која ги сподели резултаите од истражувањето Младите и нивните навики за обложување во Северна Македонија, во Србија и во Косово“, како и нивните препораки против зависност од игри на среќа кај младите. Меѓу нив, се играчите да се информираат за опасноста од игрите на среќа, да се воведат превентивни програми, но и воведување програми за лекување зависност од коцкање. 

-Очигледно е дека бројот на млади луѓе кои играат игри на среќа во Република Северна Македонија е прилично голем. Дури 71% од 214 учесници во онлајн истражувањето се изјасниле дека играле игри на среќа, а 17,8% од нив рекле дека се зависни од играње. Дури 50% од испитаниците од фокус групата играат игри на среќа секој ден. Ова укажува на голема веројатност дека значаен процент од младите во Република Северна Македонија веќе стекнале зависност од играње игри на среќа, беше споделено на настанот.

Влатко Деков, главен истражувач од ХОПС, информираше дека во онлајн истражувањето, најголемиот дел од испитаниците (44,4%) рекле дека играат игри на среќа заради забава. Сепак, не е мал бројот и на оние кои одговориле дека играат за да заработат пари (24,8%) и затоа што мнозинството од нивните пријатели и пријателки се обложуваат (16%). Дванаесет проценти рекле дека играат игри на среќа затоа што се зависни од адреналин. 

Врз основа на наодите од анализата на правната рамка за игрите на среќа во Република Северна Македонија и на разговорот со учесниците од фокус групата и истражувањето направено онлајн со 214 лица помлади од 25 години кои играат игри на среќа, утврдени се неколку препораки.

Во постоечкиот закон за игри на среќа да се предвидат обврски за сите приредувачи на игри на среќа за информирање на играчите за опасноста од стекнување зависност од играње игри на среќа, како и за тоа каде можат да побараат помош во случај на зависност од играње игри на среќа. Се препорачува да се предвидат обврски за сите приредувачи на игри на среќа за плаќање данок за финансирање на програми за превенција на зависности, како и на програми за лекување на зависности од игри на среќа. Потоа, да се направат промени во правната регулатива со која на јасен начин ќе се утврди обврската на приредувачите на игри на среќа да ги едуцираат своите вработени за препознавање на зависност кај играчите на нивните игри и споделување информации за можностите за лекување на зависноста и да се спроведе информативна кампања за опасностите од зависноста од игрите на среќа кај малолетници и лица помлади од 25 години.

Се препорачува Министерството за здравство да отвори програми за лекување на зависност од коцкање, Министерството за образование да воведе соодветна програма за превенција на зависности во наставната програма во основните и средните училишта, да се воведат построги санкции за непочитувањето на одредбите од Законот, особено на оние со кои се забранува учество на малолетни лица во игри на среќа и забрана за послужување алкохол на малолетници и да се обезбеди построга примена на овие одредби. Да се забрани секаква форма на рекламирање на обложување во печатени и во електронски медиуми (по примерот на забраната за рекламирање цигари).

Истражувањето било направено во рамки на регионалниот проект „Младите и коцкањето", што го спроведува ХОПС- Опции за здрав живот Скопје во партнерство со Лабиринт од Косово и Превент од Србија, а со поддршка на Western Balkans Fund .

- Во сите три земји е забрането за лица помлади од 18 години да учествуваат во игрите на среќа. Само во Србија постои законска обврска за приредувачите на игрите на среќа да ги информираат граѓаните за ризиците од стекнување на зависност, како и за можните опции за лекување на зависност со јавно истакнување на контакт од институциите каде што граѓаните можат да се обратат доколку се зависни од играње игри на среќа. Дополнително законот во Србија предвидува обврска за приредувачите на игрите на среќа да ги оспособат своите вработени пред да почнат со работа за превентивно дејствување на зависност спрема играчите на игри на среќа, беше посочено на настанот.

Притоа беше истакнато дека вакви законски одредби изостануваат во Северна Македонија и во Косово. 

- Во сите три земји не постои строга примена на постоечката законска регулатива и испитаниците често пати се сведоци дека и малолетни луѓе играат игри на среќа, беше нагласено. бд/ев/


Фото: МИА Архива/МИА

Остани поврзан