• петок, 27 декември 2024

Истражување: Земјите од Балканот со мал потенцијал за справување со лажните вести

Истражување: Земјите од Балканот со мал потенцијал за справување со лажните вести
Белград, 25 март 2021 (МИА) - Земјите од Балканот имаат мал потенцијал да се спротивстават на негативните ефекти од лажните вести и дезинформациите, што главно е последица на состојбата со слобода на медиумите и образованието, се наведува во извештајот на Институтот отворено општество од Софија. На последното место на листата според индексот на отпорност на лажни вести од 35 европски земји опфатени со истражувањето, објавена од Институтот, е Северна Македонија, а пред неа се Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и Турција. Бугарија е на 30-то место, Србија на 29-то, а пред неа се Романија и Грција. - Финска, Данска, Естонија, Шведска и Ирска имаат најголема отпорност кон лажните вести и дезинформации, благодарение на квалитетот на образованието, слободата на медиумите и големата доверба кај луѓето, се вели во извештајот „Отпорност на лажни вести за време на инфодемијата Ковид-19 " Индикатори на медиумската писменост кои се користени во Индексот се слободата на медиумите, образованието, електронското учество и довербата во луѓето. За тоа се користени податоци од Фридом Хаус, Репортери без граници, ПИСА, ОН и Евростат. Слободата на медиумите и образованието имаа најголема вредност при бодувањето. Во споредба со индексите од претходните години, најголем напредок имаат Естонија, Шведска и Ирска, додека најголемо влошување бележат Летонија, Словенија и Босна и Херцеговина. Истражувањата покажуваат дека северозападните европски земји имаат најголема медиумска писменост, додека најтешка е состојбата во Југоисточна Европа. Земјите со поголема недоверба во научниците и новинарите имаат пониско ниво на медиумска писменост и обратно, поголемата медиумска писменост е поврзана со пониско ниво на недоверба кај научниците и новинарите. Во извештајот се забележува дека годинашниот Индекс е создаден за време на двојна криза, кога пандемијата со Ковид-19 дополнително е отежната од инфодемија - поплава на лажни вести и дезинформации во услови на премногу информации за пандемијата. - Инфодемијата создава криза на доверба, поткопувајќи ја довербата во медицинското и научното знаење и институциите, кои први реагираа на здравствената криза, но и на кризата на доверба во управувањето, неопходно за раководење со одговор на сеопфатна криза - здравствената, социјалната и економската, изјави авторот на извештајот Марин Лесенски. Во извештајот се препорачува образованието како најдобар пристап во борбата против лажните вести, како „вакцинација“ што обезбедува отпорност на најтешките случаи на лажни вести. - Соочувањето со лажни вести и дезинформации ќе ја намали температурата на политички и социјални дебати и конфликти, ќе ја зголеми довербата во општествата и ќе придонесе за поздрава околина (фигуративно и буквално) во пандемијата со Ковид, се вели во извештајот. об/сп/

Остани поврзан