Истражување: Загрижувачко е нивото на неамбициозност и незаинтересираност на жените за да учествуваат во политички живот на државата (ДПЛ)
- Загрижувачко е нивото на неамбициозност и незаинтересираност на жените да учествуваат во политички живот на државата, истакна Александра Јовевска Ѓорѓевиќ, која го изработи истражувањето на ОБСЕ „Учество на жените од заедниците во политичкиот и јавниот живот во Северна Македонија“. Ова, како што кажа таа, пред се го препишуваме на стегите кои се присутни во нашето општество и ги обесхрабруваат жените да го преземат тој кариерен пат во нивниот живот.
Скопје, 27 ноември 2024 (МИА) - Загрижувачко е нивото на неамбициозност и незаинтересираност на жените да учествуваат во политички живот на државата, истакна Александра Јовевска Ѓорѓевиќ, која го изработи истражувањето на ОБСЕ „Учество на жените од заедниците во политичкиот и јавниот живот во Северна Македонија“. Ова, како што кажа таа, пред се го препишуваме на стегите кои се присутни во нашето општество и ги обесхрабруваат жените да го преземат тој кариерен пат во нивниот живот.
Според истражувањето, само 12 проценти од Албанките и седум проценти од Македонките имаат некаква видна функција во политичката партија, додека останатите се сведуваат на општо членство во самата политичка партија. Околу 10 проценти од жените од немнозинските заедници членуваат во некоја политичка партија. Оваа процентуалност, според истражувачката, е многу ниско ниво.
Како главни препораки во студијата се дека политичките партии треба значително да го подобрат нивото на вклучување на жените, особено на жените од немнозинските заедници во своите редови. Неопходно е и да се инвестира во капацитетите за надминување на тие општествени стеги кои жените ги искусуваат во нивниот кариерен пат. Треба да се инвестира дополнително и во капацитети кои ќе обезбедат грижа за возрасните и за децата како грижа која пред се паѓа на товар на самата жена, па на тој пат жената би била слободна да го преземе не само политичкиот пат како своја кариера, туку било која кариера во животот. Треба сериозно да се посвети внимание на вметнувањето на родовиот аспект во креирањето на сите политики, меѓутоа и да се следи имплементацијата на тие политики, бидејќи студијата докажува дека имплементацијата на нормативната рамка во нашата држава и покрај тоа што до извесно ниво е солидна, сеpaк е најслабата карика која ја имаме.
Ѓорѓевиќ посочува дека преку надминување на општествените стеги, би можеле да обезбедиме сериозен пристап на жената до политиката и до сите кариерни опции во амбициите на жените.
-Она што се јавува, се повторува не само во нашите студии, туку и во прегледот на целата литература која ја направивме е дека жената најпластично би рекла уште од девојче ги спремаме за нивниот брачен живот и нејзината амбиција за да следи некој кариерен пат во однос на политиката застанува во моментот кога ќе влезе во брак. Тука ги спремаме за другите општествени работи кои жената треба да ги исполнува, како да биде домаќинка, како да биде сопруга и да биде целосно посветена мајка на своите деца. Преку надминување на тие општествени стеги, би можеле да обезбедиме сериозен пристап на жената до политиката и до сите кариерни опции во амбициите на жените, рече таа.
Во однос на земјите од регионот од Западен Балкан, Ѓорѓевиќ нагласи дека според Индексот за родов јаз - Македонија во 2023 година меѓу 174 земји е рангирана на 74 позиција. А во светски ранг, се наоѓаме некаде во средината во однос на тоа колкав е родовиот јаз во неколку полиња меѓу кои се економија, политика, здравство и образование. -Родовиот јаз изнесува околу 81 процент, кој што е загрижувачки. Ова се индикатори кои се алармантни и треба да се посветиме да го редуцираме родовиот јаз, рече таа.
Сузан Пенкса, в.д. шефица на ОБСЕ во Скопје истакна дека неопходно е да работиме сите заедно за да можеме да го зголемиме учеството на жените во политичкиот и јавниот живот.
-Овој извештај покажува дека премногу жени се соочуваат и продолжуваат да се соочуваат со системски пречки и нееднаквости кои го попречуваат нивното целосно и активно вклучување во процесите за донесување одлуки. Ова истражување нуди решенија за 14 области кои бараат одговор и адресирање и нивното спроведување ќе може да го трансформира политичкиот релјеф, рече Пенкса.
Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како што кажа, е целосно посветена да ги адресира предизвиците.
-Во наредните месеци ќе работиме рака под рака со граѓанското општество, со различните заедници, со институциите за да можеме да дизајнираме и спроведеме политики кои ќе промовираат родова еднаквост во политиката за да може да се превенира насилството, дискриминацијата и говорот на омраза, да се воспоставаат програми за менторство и лидерство за жените од немнозинските заедници. Неопходно е да работиме сите заедно за да можеме да го зголемиме учеството на жените во политичкиот и јавниот живот. Иако на овој пат може да има многу предизвици, меѓутоа со заеднички колективни напори можеме да направиме промени за овие жени од немнозинските заедници да можат да учествуваат подеднакво во политичкиот и јавниот живот. Можеме да направиме средина во која што жените без оглед на нивното потекло може да ја креираат иднината на Северна Македонија, рече Пенкса.
Потпретседателката на Собранието на Република Северна Македонија, Весна Бендевска нагласи дека ова истражување ќе покаже оти апсолутно не сме постигнале, не сме доловиле, не сме предвиделе законска можност што ќе им гарантира и на жените од немнозинските заедници да партиципираат согласно својата процентуална застапеност. Како што рече, во последниот попис од 2021 година, 9,5 проценти отпаѓа на популацијата од немнозинските заедници. Жените на немнозинските заедници се уште остануваат невидливи од политички аспект, од аспект на активно политичко учество, рече Бендевска. фф/ев/
Фото: МИА Архива/ Приватна архива на говорничките