• среда, 25 декември 2024

Истражување: Вагнер загубила речиси 20.000 припадници во битките за Бахмут

Истражување: Вагнер  загубила речиси 20.000 припадници во битките за Бахмут

Москва, 12 јуни 2024 (МИА) - Платеничката група Вагнер загубила речиси 20.000 припадници во битките за Бахмут - од јули 2022 година до јуни 2023 година, од кои најголемиот дел го сочинуваа поранешни затвореници, покажуваат најновите податоци до кои дојдоа Медиазона и Би-Би-Си Русија.

Платеничката група Вагнер, предводена од Евгениј Пригожин, регрутирала најмалку 48.366 осуденици од руските затвори за да се борат во инвазијата на Украина, според заедничката истрага на новинарите на Медиазона и Би-Би-Си Русија, кои ги добиле и анализирале внатрешните записи на приватната војска и компанија која ги документирала исплатите на семејствата на загинатите борци во битка.

Од Вагнер побарале од затворениците да служат на бојното поле шест месеци во замена за помилување и бришење криминални досиеја, со добра плата и исплати осигурување на нивните роднини во случај да загинат или да бидат повредени. Повеќето од тие припадници загинале за време на руската окупација на Бахмут.

Пригожин рече дека битката започнала на 8 октомври 2022 година и завршила на 20 мај 2023 година, но бројките за жртвите добиени од Медиазона и Би-Би-Си Русија покажуваат дека всушност било потребно подолго време за да се заземе градот, а платениците гинеле во таа област од 15 јули 2022 година, до 6 јуни 2023 година.

Според тие податоци, битката за Бахмут траела 327 дена и однела животи на најмалку 19.547 припадници на Вагнер од кои 17.175 биле осуденици, а останатите 2.372 биле доброволни платеници. Севкупно, секој трет затвореник кој се пријавил за групата Вагнер (35,5 отсто, според внатрешните извештаи) никогаш не се вратил од Бахмут.

Новинарите пресметаа дека Вагнер потрошил речиси 108 милијарди рубљи (1,3 милијарди долари) за исплати на роднините на неговите луѓе убиени во борбите за Бахмут. Секое семејство доби пет милиони рубљи (61.000 долари) како компензација, плус уште 300.000 рубли (3.700 долари) за погребни аранжмани. Роднините на регрутираните затвореници добија вкупно 92,5 милијарди рубљи (1,14 милијарди долари), додека семејствата на редовните платеници добија 15,4 милијарди рубљи (189 милиони долари).

Истрагата на Медиазона и Би-Би-Си Русија покажува дека Пригожин ја зборувал вистината кога рекол дека групата на Вагнер изгубила околу 20.000 луѓе во битката кај Бахмут, но лажел за стапката на смртност меѓу регрутираните затвореници и доброволните платеници. (Во мај 2023 година во интервју со блогерот Константин Долгов, Пригожин тврдеше дека стапката на смртност кај двете групи била приближно 20 проценти.)

Пригожин тврдеше дека целта на „мелницата за месо“ била да го исцрпи непријателот убивајќи што е можно повеќе украински војници. Тој рече дека 50.000 украински вооружени сили загинале бранејќи го градот, а други 50.000 до 70.000 биле ранети. Сепак, украинскиот проект UALlosses, кој ги следи загубите на украинската војска преку јавно достапни некролози, ја потврди смртта на само 8.900 украински војници во битката кај Бахмут. паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан