• сабота, 23 ноември 2024

Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов" при МАНУ одбележа десет години дејност

Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов

Скопје, 25 октомври 2024 (МИА) – Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов" при МАНУ денеска одбележа 10 години постоење. Формиран е со одлука на Собранието на Академијата во 2014, на иницијатива на академик Грозданов (1936-2018).

Раководителката на Центарот, Вера Битракова-Грозданова, во пригодното обраќање ги соопшти целите и активностите на Центарот, проектите и истражувањата што ги реализира во изминатата деценија, издавачката дејност, меѓу кои е и годишното списание „Монумента“, организирањето летни школи за прочување на фрескоживописите...  Резултат на проучувањата на Центарот се голем број трудови  и студии  претставени и на меѓународни симпозиуми и публикувани во зборници.

Битракова-Грозданова посочи дека исклучиво истражуваат артефакти и уметнички дела кои се откриени на територијата на нашата земја. Притоа напомена дека до пред шест години во Центарот имало четворица вработени, а денес, рече, „се сведени на тројца“, но во реализацијата на проектите вклучуваат академици, научни работници од факултети, од културни институции и научни институти. 

Во доменот на историјата на уметноста и археологијата, како што рече, се изучувањата на „богатото културно наследство на почвата на Македонија кое припаѓа на претхристијанскиот период, протоисторијата, раната антика, римскиот период, христијанизацијата, византискиот период, како и делата од исламската уметност“.

-Во оваа област МАНУ го има дадено својот значаен придонес со обелоденување на Археолошката карта на Македонија, едиција која успеа да поттикне интерес и бројни пофалби во ексјугословенската наука и таа денес е исцрпена. Шеесетина години од постоењето на државните институции во нашата земја, ова непроценливо наследство секогаш не било проучувано и публикувано на ниво како што тоа заслужува. Научното проучување се третира како личен чин на професионалците, макар што се знае дека самото проучување и вреднување на културното наследство има круцијална цел не само во проширување на сознанијата на нашата историја, култура и уметност, туку и уште повеќе во нејзиното соодветно презентирање во светот, рече Битракова-Грозданова. 

Посочи дека „Македонија во минатото се проучувала најчесто од страна на организирани институти во европските развиени земји кои имаат заслуга во запознавањето на културното наследство од историјата на уметноста, археологијата“.

-Меѓутоа, не е непознат фактот дека честопати тоа наследство не му било припишувано на нашиот народ, ниту пак бил соодветно согледан творечкиот придонес на Македонците во неговото создавање... Светската наука веќе двесте години наназад покажува најголем интерес кон фреските и иконите создавани на тлото на Македонија, од времето на свети Климент па се до крајот на 19 век. За жал, нашиот придонес кон овој вид наследство во нашата земја не се наоѓа секогаш на задоволително ниво, рече раководителката на Истражувачкиот центар за културно наследство. 

Напомнувајќи на успехот да бидат вратени од Албанија дел од отуѓените икони од македонските цркви, Битракова-Грозданова порача „нам ни останува во иднина да продолжиме со борбата за враќање на преостанатиот дел од ова културно наследство, при што искрено се надеваме на помошта и поддршката од Министерството за култура“.  

Јубилејот на Центарот му го честиташе Аксинија Џурова, академик во Бугарската академија на науките (БАН) и раководителка на Центарот за словенско-византиски проучувања „Проф. Иван Дујчев“ од Софија. Рече дека Центарот достојно го одбележува својот 10-годишен јубилеј и за време на своето постоење ја докажал својата важност како авторитетна институција  „посветена на проучување и популаризирање на културното наследство на вашата држава кое има не само национално туку и општоевропско значење“.

-Го поздравуваме најсрдечно десетгодишниот јубилеј на вашиот Центар за културно наследство кој го носи името на академик Цветан Грозданов - големиот македонски научник и пријател на нашиот патрон, академик Иван Дујчев, како и на генерации бугарски научници. За нас е чест и искрена колегијална радост да присуствуваме со вас на овој ваш празник. И како што нашите патрони, Дујчев и Грозданов, одржуваа не само научни, туку и чисто човечки, пријателски контакти, би сакале и нашите два центра да имаат можност, како што беше и досега, да развиваат заедничка научна и истражувачка дејност, да разменуваат не само изданија и специјалисти, туку да споделуваат вредности и идеи во проучувањето на културното наследство во општиот европски дом, за што цврсто веруваме дека без хуманитарното спознание човечките колективи се осудени на духовна смрт, истакна Џурова.  

Собирот во МАНУ со поздравно обраќање го отвори потпретседателот на Академијата, Витомир Митевски. 

-На прв поглед десетгодишната дејност на една институција и не е факт кој остава силен впечаток, но импресионираат резултатите што во текот на таа една деценија се остварени, рече Митевски. 

Во рамки на настанот беа промовирани монографијата „Св. Климент Охридски, 190 портрети“ и нов број од списанието „Монумента“, беше отворена изложба „Библиските и декоративните мотиви на резбаните иконостаси на Петре Филиповски Гарката" и организиран научен собир „Од антиката до средниот век и преродбата – нови сознанија (археологија, историја и историја на уметноста)“. хс/ев/

Фото: МИА 

Остани поврзан