• четврток, 26 декември 2024

Истражна комисија на ОН ќе бара докази за сексуално насилство од припадници на Хамас врз заложниците

Истражна комисија на ОН ќе бара докази за сексуално насилство од припадници на Хамас врз заложниците

Њујорк, 30 ноември 2023 (МИА) - Комисијата на ОН што ги истражува воените злосторства на двете страни од конфликтот меѓу Израел и Хамас ќе се фокусира на сексуалната злоупотреба од страна на Хамас за време на нападот на 7 октомври и е на пат да објави повик за собирање докази, изјави нејзината претседателка Нави Пилај, пренесоа британските медиуми.

Таа посочи дека ќе ги предаде доказите на Меѓународниот кривичен суд и ја повика институцијата да размисли за гонење поради претходните критики од Израел и семејствата на израелските заложници дека ОН молчат.

-Сега сум претседател на комитет што има овластување да го истражи ова прашање. Така што нема шанси да не го сториме тоа, рече Пилај, која ја предводи тричлената комисија за истрага на прекршувањата извршени во Израел и окупирани палестински територии. 

Таа кажа дека некои луѓе веќе се подготвени да сведочат и дека доказите ќе им бидат предадени на обвинителите.

Главен предизвик за Пилај е несоработката на Израел со комисијата, за која, таа вели, има антиизраелска пристрасност. На Комисијата може да и биде тешко да собере доволно докази за да ги поддржи идните обвиненија доколку не и се дозволи пристап.

Движењето Хамас, според британските медиуми, негира дека извршило вакви прекршувања и досега не е достапно за коментар.

Дипломатската мисија на Израел во Женева во четвртокот соопшти дека комисијата има „пристрасен однос кон Израел“.

„Од формирањето на Истражната комисија во 2021 година, Израел јасно стави до знаење: нема да соработува со ова дискриминаторско тело и неговите комесари“, сооопшти постојаната мисија на Израел во Обединетите нации во Женева, пренесена од британските медиуми.

„Израелските жртви никогаш нема да ја добијат правдата од оваа истражна комисија“, додаваат оттаму.

Израелските власти веќе отворија сопствена истрага за сексуална злоупотреба за време на најсмртоносниот напад врз Израел во неговата историја, вклучително и силување, откако се појавија докази за сексуални злосторства, соголувања и касапење.

Истражната комисија на ОН, формирана во 2021 година од страна на Советот за човекови права во Женева и составена од тројца независни експерти, има невообичаено широк мандат да собира докази и да ги идентификува сторителите на меѓународните злосторства. 

-Таа има намера да објави јавен „повик за докази“ за акциите на Хамас, рече Пилај, која е поранешна претставничка на ОН за човекови права и судија во Меѓународниот кривичен суд. сд/

фото:Википедија

 

 

Остани поврзан