• петок, 27 декември 2024

ОЈО Скопје отвори истрага за багеристот кој усмрти жена на пешачки во Скопје

ОЈО Скопје отвори истрага за багеристот кој усмрти жена на пешачки во Скопје

Скопје, 2 јули 2023 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило - тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

- Осомничениот 42-годишник од Скопје вчера на улицата „Јордан Мијалков“ во Скопје, управувал мобилна машина „лиебхерр“ без да се придржува кон прописите на јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето. На обележан пешачки премин, со машината удрил во телото на една жена - пешак, која од ударот се здобила со тешки телесни повреди и починала, се наведува во соопштението на Обвинителството.

Непосредно по настанот, јавен обвинител извршил увид на лице место и издал повеќе наредби со цел да се испитаат сите околности и да се утврдат причините за сообраќајната несреќа. По еден дел од наредбите сѐ уште се постапува.

- За да го обезбеди присуството на осомничениот и непреченото водење на постапката јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице или надлежен државен орган, привремено одземање на патната исправа и на возачката дозвола, како и привремена забрана да презема определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, се додава во соопштението на Обвинителството. бд/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан