• сабота, 23 ноември 2024

Истрагата за случајот Крмзов при крај, вмешани и политичари

Истрагата за случајот Крмзов при крај, вмешани и политичари

Скопје, 1 ноември 2024 (МИА) - Истрагата за случајот познат како „Крмзов“ е при крај и наскоро ќе бидат објавени информации за злоупотреба на милионски суми поврзани со поврат на ДДВ на компании. Според информациите од досегашната истрага излегуваат нови случаи, а злоупотребата досега изнесува околу 15 милиони евра. 

Истрагата допира до сегашни и поранешни политичари и тие во моментов немаат имунитет. 

Во септември беше спроведена акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар. Беа приведени четири лица, а државниот јавен обвинител информираше дека е оформен предмет за даночна измама и за перење пари и дека се сослушани три лица, а за едно се предложени мерки за претпазливост. 

Истрагата на надлежните органи околу случајот „Крмзов“ покажува дека над повеќе милиони евра од Еуростандард банка се префрлани на сметки во Турција. Истрагата, според објавите во медиумите, се шири на повеќе струмички компании, кои биле дел од шемата на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов за злоупотреба на парите.

Премиерот Христијан Мицкоски на 16 септември септември во врска со последната акција за даночно затајување рече дека таа е една од низата вакви истраги што ќе следуваат во следниот период. 

- Не би сакал сега да откривам детали, истрагата трае, мислам дека ќе биде епски голема, епски голем криминал, но она што можам да кажам дека ова е една во низата што ќе следат во следниот период септември-октомври, изјави тогаш Мицкоски. ац/ев/

 

Остани поврзан