• четврток, 26 декември 2024

Историја на три најстари континуирани училишта во Битола

Историја на три најстари континуирани училишта во Битола
Битола, 10 септември 2022 (МИА) - Најстарите битолски училишта се изградени во периодот од 1847 до 1882 година и тие и ден денес се значајни образовни институции, објекти со непроценливо вредна архитектура. Според одредени хроничари, образовната дејност во Битола датира од средниот век, а почетоците се врзуваат со словенската просвета и кирилското писмо во повеќе училишта. Првото училиште во Битола било отворено во 1830 година, а на почетокот од 20. век во Битола имало едно полно и 5 неполни основни училишта, машка и женска гимназија, богословија и учителска школа. Во периодот од 1868 до 1870 година во ново изградено училиште за главен учител бил поставен познатиот македонски преродбеник, културен деец и учебникар, Димитар Василев-Македонски. ОУ „Гоце Делчев“-Битола, училиште изградено во 1847 година Темелите на најстарото училиште во Битола, денешното основно училиште „Гоце Делчев“ се поставени во 1847 година. Училиштето се наоѓа во строгиот центар на градот, комплекс со три училишни објекти во кои се изведува настава. Објектот „преживеал“ различни историски периоди, но секогаш имал иста намена - да биде училиште, освен во 1915 година, за време на Првата светска војна кога објектот се користел како Воена болница. Во училиштето, од секогаш се негувала и негува мултијазичноста и во таа смисла освен на македонски јазик, тука се изведува настава и на албански, турски, влашки, англиски, француски и германски јазик. ОУ „Св.Кирил и Методиј“-Битола, училиште изградено во 1865 година Денешното ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Битола е изградено во 1865 година, на иницијатива на битолските еснафи кои имале потреба од кадри за своите занаетчиски работи. Станува збор за 36 занаетчии кои со свои средства овозможиле да се изгради импозантниот објект што се наоѓа во непосредна близина на Старата чаршија. Во прво време наставата во училиштето се изведувала на словенски јазик. Во периодот од 1900-1901 година, во училиштето како учители работеле познатите македонски дејци и револуционери Даме Груев и Ѓорги Сугарев. Токму во ова училиште, веднаш по ослободувањето на Битола, на 4 декември 1944 година почна да се изведува настава на мајчин македонски јазик, за што сведочи поставена плоча на главниот влез од училиштето. Гимназија „Јосип Броз Тито“, училиште изградено во 1882 година Битолската Гимназија „Јосип Броз Тито“, образовната дејност ја реализира во објект со голема архитектонска вредност, изграден во 1882 година. Темелите биле поставени за тогашното средно училиште, Турско Идадие, а и денес е објект за средношколци. Горната Гимназија, како што ја викаат битолчани, неодамна беше реконструирана, а во холот на гимназијата со гордост се поставени ликовите и впишани имињата на народните херои Стив Наумов, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Кузман Јосифовски-Питу и Елпида Караманди кои учеле во гимназијата, како и на 18 академици, членови на МАНУ кои во Битола го оформиле своето средно образование. Гимназијалците од Горната Гимназија се гордеат со уште еден историски податок, односно 6 февруари 1945 година кога токму во ова училиште се одржа првиот наставен час на современ Македонски јазик во средното образование. Редовната настава ја следеле 572 ученици во 13 мешани паралелки, а првата учебна година завршила на 20 јуни 1945 година. Најстарите училишта во соседните држави и во Европа Во државите од регионот, како што се Србија и Хрватска, но и други држави од континентот, никогаш не се забораваат најстарите училишта, а за нивните градби и традиција се говори со посебен восхит. Во соседна Србија, најстарото основно училиште Варош датира од 1718 година и во него учителствувале Вук Караџиќ, Доситеј Обрадовиќ, Стеван Мокрањац, Моша Пијаде и други. Објектот на училиштето е прогласен за меѓународно културно наследство и е дел од мрежата на УНЕСКО. Во Хрватска, Гимназијата во Карловац која е изградена пред повеќе од 250 години со задоволство го афирмира својот некогашен ученик Никола Тесла, а во јубилејната година учениците приредија незаборавен флеш моб. Најстарото континуирано училиште во Велика Британија, познато и како Кралско Училиште се наоѓа во Кентербери во Кент (The King’s School Canterbury, Kent). Основано е во 597 година и се смета за најстаро училиште во светот. Ова училиште денес е гимназија во која учениците се препознаваат според своите униформи, девојчињата носат бела блуза, брош, здолниште, црна јакна, црни хулахопки и црни чевли, а момчињата носат бела кошула, црн елек, црни чорапи, црни чевли, црни панталони, црна јакна и црна вратоврска. За најстарите училишта треба да се знае. Отвореноста на училиштата за јавноста, за туристи и други добронамерници е значајна и таа треба да се негува. Битолските училишта во своите простории може да отворат училишен Музеј, постојана изложба, да постават информативна табла или друга сигнализација. Битолчани велат, еве, минатото во функција на иднината. Марјан Танушевски

Остани поврзан