• четврток, 19 декември 2024

„Историјата на Охридската Архиепископија“ од Снегаров и четири книги на Зографски првпат достапни на македонски јазик

„Историјата на Охридската Архиепископија“ од Снегаров и четири книги на Зографски првпат достапни на македонски јазик

Скопје, 1 март 2024 (МИА) - Kапиталното двотомно дело „Историја на Охридската архиепископија“ од реномираниот славист, историчар, универзитетски професор и академик од минатиот век Иван Снегаров првпат e преведено на македонски јазик и наскоро ќе биде достапно за македонските читатели. Oвие два тома ќе бидат издадени во превод на издавачката куќа „Икона“.

„Икона“ ги печати и четирите книги на великанот на преродбата од 19-от век, галичанецот Партениј Зографски. Тој бил ученик на Димитар Миладинов во Охрид, писател, учебникар, фолклорист, народен деец и духовник, митрополит во Кукуш, Дојран (Полјанин) и Ниш.

Овие наслови ќе бидат промовирани на петти март 2024 година во 13.30 часот во Националната галерија Даут-пашин амам. Во рамки на настанот ќе бидат промовирани и двата тома од „Житија на Светителите“. Проектот е поддржан од Бугарската поддршка за развој.  

-Историјата дејствува и денес, како што ќе дејствува и утре. На изглед таа лежи заедно со одамнешните мртви, но во реалноста таа се движи и со нас живите, како сенка од нашите тела, зашто ништо човечко не настанува од ништо. Денешните собитија ги кријат своите корени во минатото, коешто е стебло на иднината. Вака охриѓанецот Иван Снегаров ќе го опише своето дело „Историја на Охридската архиепископија, кое е плод на неговата дипломска работа којашто произлегла по неговите студии  во Киев на Духовната академија, соопшти „Икона“.

- „...Споменот за Охридската архиепископија... не исчезнал. Осум векови таа го воспитувала православното население во Македонија и оставила неизбришливи траги во неговата душа. Како што ние ги наследуваме карактерните особини на своите родители, дедовци и прадедовци, така воздејствувала врз еден народ и неговата духовна мајка – неговата родна Црква, во чиј скут тој растел, под влијанието на нејзините вдахновени песни и мудри совети. Дали со прочуената револуционерна борба за автономија на Македонија не се одразувала несвесно вековната борба на Охридската архиепископија за својата автокефалија? Во тоа сум целосно убеден, како последица на моето изучување на животот на таа црква. Тоа убедување го искажав во својот труд за Охридската архиепископија“, наведува издавачот. 

Она во што Снегаров длабоко верувал го искажал јасно во неговиот труд.

- Историјата на Охридската црква е историја на осумвековната духовна независност, би рекол, на духовна сувереност на Македонија. Историјата на последната нѐ уверува: дека, како што во старо време била основа за духовно обединување на балканските народи, така и сега таа може да се преобрати од јаболко на меѓубалкански раздори, во алка на општо-балканското братство, информира „Икона“.

Издавачот потенцира дека првпат зборовите на Партениј Зографски се живи и поблиски за новите генерации Македонци - „Прва и најголема заповед е да го љубиме Бога не само повеќе од сè, туку и од самите себе, а пак луѓето да ги љубиме како ние себеси“. 

Зографски бил причислен како духовник при рускиот царски двор и бил пратен да ја доврши семинаријата во Киев, којашто ја завршил во 1846 година. Завршил на Московската духовна академија, како воспитаник на рускиот царски двор, каде се броел како духовен воспитувач на царските деца во Петербург. Познавањето на древните јазици (старогрчки, латински, еврејски и старохалдејски), но, и руски и француски, му биле силна подлога да се впушти во учебникарство и просветителство на својот народ. мд/са/

Фото: Принтскрин 

 

Остани поврзан