• среда, 25 декември 2024

Историчарите да ги водат разговорите во спорот со Бугарија, без притисок од надвор, порача Мас

Историчарите да ги водат разговорите во спорот со Бугарија, без притисок од надвор, порача Мас
Скопје, 3 мај 2021 (МИА) - Министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас, денеска на заедничката прес-конференција во Берлин со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, порача дека Германија нуди поддршка преку нивните искуства за решавање на билатералното прашање меѓу Скопје и Софија, но останува ова прашање да се реши на билатерално ниво, а преговорите да ги водат историчарите. - За нас е одлучувачки она што се однесува до преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија. Минатата година имавме интензивни преговори со партнерите во Скопје и Софија и исто така нудиме и понатаму поддршка со нашите искуства доколку тоа од страна на Северна Македонија и Бугарија е посакувано. Останува овие прашања да се решат на билатерално ниво. Самите вешти лица, историчарите, мора да ги водат во рамки на своите комисии, без притисок од надвор, потенцира Мас. Шефот на дипломатијата Бујар Османи, пак, посочи дека клучот на решението на проблемот со Бугарија е во Договорот за пријателство потпишан во 2017 како прецизна политичка рамка за разрешување на било кои недоразбирања. - Во исто време во континуитет имаме искрен пристап кон нашите соседи со посебен фокус кон Бугарија. Веќе оформивме и Акциски план за линиската соработка меѓу двете држави на повеќе полиња. А подготвени сме да влеземе и во суштинска расправа за недоразбирањата што ја оптоваруваат довербата меѓу двете земји, рече Османи. На последниот, 13. состанок на Заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, што се одржа на 23 април во онлајн формат, не се постигна никаков резултат, што според претседателот на македонскиот тим во Комисијата, Драги Ѓоргиев, се должи на политичката ситуација во Бугарија. Тој рече дека разговарале за македонските учебници за седмо одделение, додека темата Гоце Делчев воопшто не била отворена на барање на бугарската страна. Наведе дека двете страни останале на истите позиции и главна причина што нема резултат е различната перспектива на средновековието, како и големите разлики во пристапот на надминување на ваквиот вид спорови. нд/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан