• петок, 27 декември 2024

Истече радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима, нема траги на контаминација надвор од локацијата

Истече радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима, нема траги на контаминација надвор од локацијата

Токио, 8 февруари 2024 (МИА) - Во нуклеарната централа Фукушима Даичи во североисточна Јапонија вчера беше откриено истекување на радиоактивна вода, но не се откриени знаци на контаминација надвор од локацијата, соопшти денеска операторот на централата Тепко.

Ова истекување од приближно 5.500 литри во централата, која беше сериозно оштетена во 2011 година, се случи пред водата да биде прочистена со систем наречен ALPS, кој ја ослободува водата собрана во централата од повеќето нејзини радиоактивни материи, објасни портпаролката на Тепко.

Протекувањето било запрено дваесетина минути откако било откриено вчера наутро. Таа вода може да содржи радиоактивни изотопи како што се цезиум 137 и стронциум 90, рече портпаролката на Тепко, додавајќи дека раководството на централата планира да ја отстрани почвата загадена од истекувањето.

- Нема значителни промени во податоците од следењето на радиоактивноста околу електраната, уверува таа.

Нуклеарната централа Фукушима Даичи беше уништена во страшното цунами во 2011 година во североисточна Јапонија. За деконтаминацијата и демонтажата на електраната ќе бидат потребни децении, а најтешкиот дел - отстранувањето на стопеното гориво од оштетените реактори - допрва треба да започне.

По зеленото светло од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Јапонија почна многу постепено да испушта повеќе од 1,3 милиони кубни метри вода од централата во Тихиот Океан минатото лето по обработката во системот АЛПС.

Јапонија и МААЕ уверуваат дека овој процес, кој треба да трае до почетокот на 2050-тите, е безбеден за морската средина и здравјето.

Кина и Русија, сепак, изразија сериозна загриженост и го прекинаа целиот увоз на јапонски морски плодови. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан