• среда, 27 ноември 2024

Испразнети работни места во здравство ќе се надополнуваат без согласност од Министерството за финансии, најави Меџити

Испразнети работни места во здравство ќе се надополнуваат без согласност од Министерството за финансии, најави Меџити

Скопје, 1 август 2023 (МИА) - Испразнети работни места во здравство ќе се надополнуваат без согласност од Министерството за финансии, најави министерот за здравство Фатмир Меџити на денешната прес-конференција.

- Не ми беше јасно зошто секогаш треба согласност од Министерството за финансии за вработувања во здравство. Некој ќе се пензионира, друг ќе си оди од државата или ќе се префрли во друга клиника, зошто по автоматизам не можат да се надополнуваат тие места? Ние одлучивме веќе и со министерот за финансии, имаше разбирање и по негова иницијатива, Министерството за финансии веќе да не одлучува за вакви случаи. Самите институции веќе да имаат законска одговорност и Министерството за здравство да потврди без да бараме согласност во финансии. Ако има резервирано таков буџет во сите здравствени клиники, тогаш нема потреба да се побара од финансии, појасни Меџити.

Ги скратуваме,  нагласи, овие процедурални, административни маки.

- Ни одземаат многу време и не ни се корисни. Барам тоа што треба во здравството да биде подобро и порелаксирано и да ги поедноставиме веќе овие процедури, подвлече министерот.

На новинарско прашање за проблемите за кои се укажува во однос на тоа дека во една јавна здравствена установа нема термин за операција наутро, но во истата здравствена институција, доколку пациентот плати приватно може да се направи операција, министерот рече да се пријави за која клиника станува збор, а тој веднаш ќе прати инспекција.

Тој рече дека сите може да згрешиме, но оти треба да се трудиме грешките да бидат минимални. Целта на Министерството, како што нагласи, е да ги минимизира пропустите.

Меџити порача надлежните институции да постапат како што налага законот во однос на наводите за злоупотреба на податоци на пациенти во Тетово.

-Во Тетово сега е актуелно тоа дека биле злоупотребени некои податоци на пациенти. Случајот е во Обвинителство, ние ги охрабруваме целиот правен систем и Обвинителството и сите судови да настапат така како што наложува Законот, истакна министерот, додавајќи дека им стојат на располагање за сите информации. бд/сан/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан