• среда, 27 ноември 2024

ИСОС: Патот кон прифаќање на меѓународните сметководствени стандарди не е лесен, но е единствен и мора да го поминеме

ИСОС: Патот кон прифаќање на меѓународните сметководствени стандарди не е лесен, но е единствен и мора да го поминеме

Скопје, 9 ноември 2023

Во пресрет на 10. Ноември – Меѓународниот ден на сметководството, Институтот на сметководители и овластени сметководители на Македонија (ИСОС) упати честитка до сите поединци и деловни субјекти кои ја извршуваат оваа исклучително значајна професија во нашата земја, истовремено потсетувајќи на нејзината улога и значење за економскиот и вкупниот општествен развој.

„Една од основните цели на ИСОС е унапредување на сметководствената професија во нашата земја и нејзино издигнување на исто рамниште, пред сѐ со земјите во регионот, а потоа и со членките на ЕУ и на останатите развиени земји во светот. Свесни сме дека оваа цел може да се оствари само доколку обезбедиме во нашата земја да доследно да се почитуваат законските прописи, како и принципите за интегритет, објективност, професионална компетентност, доверливост и професионално однесување кои се дел од Меѓународниот кодекс за етика на професионалните сметководители, донесен од страна на Интернационалната федерација на сметководители (ИФАК) и се воведат и користат меѓународните стандарди за финансиско известување. Овој пат е тежок, но не постои полесен и сите ние мора да го поминеме“, истакна претседателката на ИСОС Весна Прентоска во својата честитка по повод Меѓународниот ден на сметководството, упатена до сите сегашни и поранешни членови на Институтот, како и до сите останати кои се дел од оваа професија и на различни начини придонесуваат за нејзиниот развој и етаблирање во општеството.

Осврнувајќи се на потребата од воведување и примена на меѓународните сметководствени стандарди во нашата земја, претседателката на ИСОС истакна дека со нив ќе се обезбеди конзистентност на финансиските извештаи и нивна споредба на глобално ниво, што е исклучително значајно за домашните компании, бидејќи ја зголемува нивната ефикасност и конкурентност, креирајќи нови можности за инвестиции и соработка со други компании во глобални рамки.

Најголема полза од овој процес ќе имаат самите сметководители, затоа што работењето според меѓународни стандарди гарантира поголем квалитет и висок степен на професионалност, што значи и поголемо вреднување на нивниот труд. Тоа ја става целата професијата на највисоко ниво и значајно придонесува за истиснување на нелојалната конкуренција во струката, која моментално е присутна. Дополнително, од примената на меѓународните сметководствени стандарди придобивки ќе има и државата, затоа што тоа ќе придонесе за подобра и поефикасна наплата на даноците, намалување на даночната евазија и на сивата економија, која од различни релевантни извори е оценета како особено изразен проблем и пречка за развојот на националната економија.

„Примената на етичките норми и принципи пропишани со меѓународниот кодекс, како и на меѓународните сметководствени стандарди ќе ја зголеми атрактивноста на нашата професија, особено меѓу младите, и истовремено ќе нѐ приближи кон полноправно членство во Интернационалната федерација на сметководители (ИФАК) која ги застапува интересите на повеќе од три милиони професионални сметководители ширум светот и која обезбедува пристап до најдобрите светски практики од оваа област и нивна примена во нашата земја“, потенцираше Прентоска.

Институтот на сметководители и овластени сметководители e професионално здружение, основано согласно Законот за вршење на сметководствени работи кое обезбедува организирано делување и застапување на интересите на неговите членови. Институтот е независна, неполитичка и непрофитна организација во која членуваат повеќе од 8000 сметководители и овластени сметководители кои ја извршуваат оваа дејност во нашата земја, без оглед на нивната национална, верска, родова, политичка и друга припадност.

Институтот на сметководители и овластени сметководители на Македонија (ИСОС) 

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан