• недела, 24 ноември 2024

Исланд – земја на геолошки чуда и мост меѓу два континента

Исланд – земја на геолошки чуда и мост меѓу два континента
7 Септември 2020 Танјуг, Белград Исланд, или како што се нарекува земјата на мраз и оган, е позната како „сопственик“ на вулкани, гејзери, глечери и водопади, но малкумина знаат дека на овој остров се среќаваат евроазиските и американските тектонски плочи, но и дека оваа земја го има најстариот парламент во светот. Патеписите за Исланд не се честа појава во српските медиуми, но новинарка од Танјуг, за време на своето учество на Меѓународната летна школа за млади во Рејкјавик, организирана од Меѓународното младинско движење, имаше можност да ја посети земјата од недопрената природа, на Викинзите и поларната светлина (Aurora borealis). Една од првите станици беше Националниот парк Тингвелир, каде што над површината на морето, подобро од каде било на светот, може да се види како се одделуваат американските и евроазиските тектонски плочи, што привлекува геолози од целиот свет. „Кога стоите тука, не сте ниту во Европа ниту во Америка. Сега сте на Исланд“, им рече водичот на учесниците од школата, што се одржа оваа година на тема „Идни вештини за одржливост на работно место: Подготовка за транзиција“. Во Тингвелир, кој поради историската, културна и геолошка вредност е запишан на списокот на УНЕСКО за Светско наследство во Европа, во 930 година е основан најстариот парламент во светот, наречен Алтинг. Во политичкиот систем на Викинзите не можеле да учествуваат жени, освен индиректно преку мажите, што честопати и го правеле, но имале еднакви права на развод како и мажите, доколку се откажат од сопругот пред двајца сведоци. На Исланд, остров формиран од вулкански активности, земјотресите се честа појава, па затоа и сите згради се ниски, вклучително и во Рејкјавик, најсеверната престолнина во Европа. Станува збор за град чија архитектура се карактеризира со живописни бои, нема ниту Мекдоналдс ниту Старбакс, град во кој графитите и муралите ги разубавуваат фасадите и улиците на скоро секој чекор. Во него е сместена и една од најимпресивните градби на Исланд, црквата Халгримскарка, висока над 70 метри. Главниот град на Исланд, во чија поширока урбана зона живеат околу 200.000 жители, што е повеќе од 60 проценти од населението на островот, е крајно чист. Иако зафаќа површина од над 200 квадратни километри, со поглед на планините и Атлантскиот океан, се создава впечаток на мало, затскриено место. Помалку од еден час со автобус од главниот град е Сината лагуна. Исланд е богат со геотермални води, и ова е вистинското место да се доживее пливање во топли минерални базени, чие дно е покриено со вулканска лава. Температурата на водата е помеѓу 37 и 39 степени Целзиусови, па студеното време не влијае на уживањето во млечно-сината вода, која има лековити својства. Покрај тоа, при влегувањето во неа, посетителите добиваат маски за лице и пијалаци по избор, вклучително и шампањ. Со приближување кон геотермалните води, силниот мирис на сулфур се чувствува во областа на гејзерите. Најпознатиот гејзер, по што овој природен феномен го доби своето име, се нарекува Голем Гејзер. Порано беше многу активен, но сега е „мрзлив“, па многу поретко исфрла млазови со топла вода и пареа. Неговиот „помлад брат“ Сторкур е сосема поинаков – тој сака да ги воодушевува посетителите со ерупции на вода и пареа високи и до 20 метри на секои пет до десет минути. Треба да се биде внимателен кога има многу гејзерите – велат мештаните и предупредуваат дека се потребни „само две секунди за да го спржат туристот“. Една од причините зошто Исланд е омилена локација за снимање холивудски филмови и високобуџетски серии се бројните водопади, како што се Скогафос и Сајаландсфос. Водопадот Сајландсфос е особено привлечен за туристите поради можноста да се прошета зад него и да се види природата од друга перспектива. Невозможно е да се посетат водопадите, без „мал туш“ поради премногу силни млазови, кои прскаат на рабовите. Никој нема да се жали на тоа откако ќе се воодушеви од бајковитата сцена на водопадот Галфос, кој се нарекува и Златен водопад. Многу е веројатно дека овој водопад, кој паѓа под агол од 90 степени, ќе го разбуди детето во секој турист при секоја посета, без разлика колку години има. Главната причина за тоа е виножитото, кое често се издига над него и околните патеки, што им дава можност на туристите да трчаат под него. А за љубителите на серијата „Игра на тронови“ особено е значајна плажата Рајнисфар, една од најпознатите плажи на светот со црн песок. Необичните форми на камења се забележани во седмата сезона од оваа култна серија. Според легендата, трите карпи во океанот се тролови, кои се обиделе да ги повлечат бродовите на брегот. На троловите им било дозволено да се движат само во текот на ноќта, но поради густата магла не забележале дека тие светат и се претворија во камења. Оваа плажа е една од најсмртоносните во светот. Брановите лесно ги привлекуваат туристите да им приоѓаат, а потоа тие одеднаш растат и стануваат посилни, влечејќи ги со нив во океанот или фрлајќи ги на карпите. Затоа, мештаните постојано повторуваат: „Не го вртете грбот на водата“. Причината поради која луѓето на Исланд се чувствуваат како на друга планета е можеби фактот што глечерот Солхајмакул е само половина час возење од оваа плажа. Прв знак дека е близу е забележителен пад на температурата, а вториот знак се сантите лед, што повеќе наликуваат на вселенски бродови бидејќи на нивниот изглед влијае и црната боја од вулканската земја. Приказната за Исланд е невозможно да се заврши без да се споменат вулканите. Иако предизвикува ужас кога ќе чуете дека 30 вулкански системи се сè уште активни, додека пет до шест се подготвени да еруптираат во секој момент, се чини дека мештаните научиле да живеат во „хармонија“ со нив, а имаат и добро развиен систем за предупредување. Најпознатиот вулкан што неодамна „избувна“ е Ејафјадлајекидл, што многумина го паметат по ерупциите во 2010 година. Во тоа време, Европа беше покриена со облак од пепел, што доведе до најголемо нарушување на воздушниот сообраќај во историјата на континентот, предизвикано од природна катастрофа. Вулканот се активирал тогаш по стотици години „спиење“, па сега не се очекува да биде активен во наредните 200 години, доколку „се држи до своите навики“. Исланд е место на геолошки чуда и сцена на вечна борба помеѓу мразот и огнот, а особено е интересно што на овој остров, иако е покриен со зеленило, нема шуми. „Ако се изгубите на Исланд, само станете“ – е шега што локалните жители обожаваат да им ја кажуваат на туристите од таа причина. ки/јт/

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан