• среда, 04 февруари 2026

Исланд ја прегази Словенија за полуфинале, Португалија го заврши ЕП со триумф над Шпанија

Исланд ја прегази Словенија за полуфинале, Португалија го заврши ЕП со триумф над Шпанија

 

Малме, 28 јануари 2026 (МИА) – Ракометарите на Исланд ѝ се приклучија на Данска во полуфиналето на Европското првенство (ЕП), откако попладнево во Малме ја совладаа Словенија со 39-31и го обезбедија едно од првите две места во групата 2 од главната рунда.

Првото полувреме беше резултатски израмнето, но Исланд во финишот стекна предност од два гола за водство од 18-16.

Словенците три пати доаѓаа на гол негатива во продолжението, но откако Исланд влезе во серија од 6-1, поведе со 26-20 во 40. минута и до крајот ја зачува предноста за убедлив триумф кој им донесе пласман меѓу четирите најдобри европски селекции.

Исланд е лидер со седум бодови во групата 2, од која вториот патник во полуфиналето ќе биде познат по вечерашните завршни дуели меѓу Хрватска – Унгарија и Шведска – Швајцарија.

Во воведниот денешен натпревар во групата 1, Португалија ја совлада Шпанија со 35-27.

Во дуелот во кој и двете репрезентации беа без шанса за пласман во полуфиналето, Португалците влегоа многу помотивирано и од самиот почеток беа во водство кое на моменти во првото полувреме изнесуваше највисоки плус шест голови разлика.

Вториот дел донесе идентична слика на теренот и рутинска победа на Португалците со која се искачија на третото место на табелата со пет бодови, пред двата преостанатите натпревари од оваа група меѓу Данска – Норвешка и Франција – Германија.ег

ФОТО: ХСИ/Фејсбук

Остани поврзан