Исламабад побара соработка од Техеран за решавање на убиствата на Пакистанците во Иран
- Амбасадорот на Пакистан во Иран, Мухамед Мудасир, на социјалната мрежа Х објави дека загинатите се работници и дека Исламабад и Техеран заедно работат на враќање на нивните тела.

Исламабад, 14 април 2025 (МИА) - Пакистан побара „целосна соработка“ од Иран во врска со убиството на осум Пакистанци во југоисточниот дел на Иран, разрушен од немири, објавија денеска властите во Исламабад.
Пакистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека убиствата се случиле во саботата, во провинција на околу 230 километри од пакистанско-иранската граница и побара темелна истрага.
Амбасадорот на Пакистан во Иран, Мухамед Мудасир, на социјалната мрежа Х објави дека загинатите се работници и дека Исламабад и Техеран заедно работат на враќање на нивните тела.
Се уште никој не ја презел одговорноста за овие убиства.
Регионите Белуџистан во Иран, Пакистан и Авганистан се соочуваат со бунт од националисти од Белуџистан кои повеќе од две децении бараат независност на регионот.
Во пакистанскиот дел, Ослободителната војска на Белуџистан, која САД во 2019 година ја прогласија за терористичка група, често ги напаѓа безбедносните сили и цивилите.
Иранското Министерство за надворешни работи денеска ги осуди убиствата и изрази сочувство до народот и владата на Пакистан.
Министерството објави дека „Иран ќе направи се што е во негова моќ за да ги идентификува сторителите на ова злосторство и да обезбеди правдата да биде задоволена“.
Иранските власти ги нарекоа убиствата „терористички чин“ што суштински е во спротивност со принципите на исламот, правните и хуманитарните норми.
Активистичка група за Белуџистан во Авганистан, Иран и Пакистан соопшти дека вооружени лица застрелале осум пакистански државјани кои воделе семејна продавница за поправка на автомобили. Информацијата не е независно потврдена.сд/
фото:МИА архива