• среда, 25 декември 2024

Искористени третина од средствата на ЕУ за закрепнување од Ковид-19, посочува Европскиот суд на ревизори 

Искористени третина од средствата на ЕУ за закрепнување од Ковид-19, посочува Европскиот суд на ревизори 

Брисел, 3 септември 2024 (МИА) - Доцнењето во исплатата на средствата од фондот на Европската Унија наменет за закрепнување од Ковид-19, сериозно ја попречува способноста на земјите членки на ЕУ да ги надминат последиците од пандемијата, се оценува во извештајот на Европскиот суд на ревизори (ЕЦА). 

Во извештајот, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се истакнува дека до крајот на 2023 година од Механизмот за закрепнување и отпорност (РРФ) на ЕУ земјите членки повлекле помалку од една третина од планираните 723-те милијарди евра. 

Според ЕЦА, ваквите доцнења се резултат на тоа што земјите членки не ги исполниле предвидените услови за добивање на средства од Механизмот и доколку продолжи ваквото темпо до истекот на неговата важноста во август 2026 година голем дел од планираните проекти би можела да останат нереализирани.  

- РРФ беше замислен како кризен инструмент кој требаше да помогне за многу брзо закрепнување на економиите (на земјите-членки). Но, како може да закрепнете ако не инвестирате?, изјави раководителката на тимот што го подготви извештајот Ивана Малетиќ при неговото вчерашно презентирање. 

Според неа, главни причини за доцнењето на исплатите се недоволното познавање на правилата за имплементација на РРФ од страна на земјите членки, нивното потценување на времето потребно за спроведување на реформите и, пред се, недоволниот административен капацитет. 

- Проблемот (со административниот капацитет) не е само на ниво на јавна администрација..., туку и на ниво на приватниот сектор. Постојат тендери, но фирмите не се пријавуваат на овие тендери затоа што едноставно немаат капацитет, изјави Малетиќ. 

Механизмот за закрепнување и отпорност (РРФ) беше формиран во 2020 година со цел да им помогне на земјите членки да ги зајакнат своите економии погодени од Ковид пандемијата преку финансирање на клучни еколошки и дигитални проекти, во замена за спроведување на целни реформи. Првично, РРФ беше замислен како инструмент во вкупна вредност од 723 милијарди евра, од кои 338 милијарди евра грантови и 385 милијарди евра кредити. 

Но, поради помалото користење на средствата од предвидените, пред се од Италија и Шпанија, Европската комисија годинава го намален обемот на Механизмот на 648 милијарди.  

Извештајот доаѓа во време на информации за измами и злоупотреби на средства од Механизмот, но и на критики дека тој не придонел значително за закрепнување на економиите на земјите членки. Во 2020 година, Еврокомисијата предвиде дека РРФ ќе придонесе за раст на БДП на ЕУ за 1,9 отсто, но годинава таа прогноза беше ревидирана на само 0,4 проценти. 

Во ревизорскиот извештај се посочува дека помалото влијание на РРФ врз реалната економија од планираното, се должи на фактот што помалку од половина од исплатените 213 милијарди евра стигнале до планираните крајни корисници. 

Според Малетиќ, дури и оние 100 милијарди евра кои стигнале до крајните корисници не биле целосно искористени за закрепнување на реалната економијата, туку дел завршиле во министерства и други јавни институции 

- Треба да знаеме колку пари ќе стигнат до економија и кои се корисниците на овие пари. Ова е основната транспарентност што треба да се обезбеди кога зборуваме за финансирање од буџетот на ЕУ, заклучи Малетиќ. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан