• недела, 24 ноември 2024

Ирска, Полска и Словенија во трка за местото претседавач на Воениот комитет на ЕУ  

Ирска, Полска и Словенија во трка за местото претседавач на Воениот комитет на ЕУ  

Брисел, 14 април 2024 (МИА) - Функцијата претседавач на Воениот комитет на ЕУ (ЕУМЦ) не спаѓа во групата позиции од висок профил во рамките на Унијата, но нејзиниот носител има значајна улога како советник на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност. Неговата позиција доби на значење и со руската агресија во Украина и наметнувањето на одбранбената политика меѓу приоритетите на агендата на ЕУ, а функцијата би можела да добие и дополнителна тежина доколку во идната Еврокомисија се воведе и должноста еврокомесар за одбрана.  

Актуелен претседавач на ЕУМЦ е австрискиот генерал Роберт Бригер, чиј мандат истекува во мај 2025 година, па од таа причина за идниот месец е закажан состанок на началниците на генералштабовите на Вооружените сили на земјите членки на ЕУ на кој би требало да биде избран неговиот наследник.  

Во трката за оваа должност се тројца кандидати - актуелниот началник на Генералштабот на Вооружените сили на Ирска, генерал-полковник Шон Кленси, неговиот словенечки колега генерал-полковник Роберт Главаш и полскиот воен претставник во ЕУ и НАТО, генерал-полковник Славомир Војчеховски.  

Номинацијата на ирскиот генерал Кленси се оценува како одраз на зголемен интерес на Ирска, која заедно со Австрија, Кипар и Малта се единствените земји на ЕУ што не членки на НАТО, за капацитетите на Унијата за управување со кризи, особено имајќи предвид дека Даблин има долга историја на учество во мировни мисии.  

Словенечкиот генерал Главаш важи за најискусен од тројцата номинирани поради учеството во  Мисијата на НАТО во Косово (КФОР) и во Меѓународните сили за поддршка на безбедноста (ИСАФ) во Авганистан. Дополнително во негов прилог оди и географската позиција на Словенија, која поради историските околности би била во добра можност да балансира со приоритетите на Унијата.   

Како предности на Главаш се посочуваат и блискоста со врховниот командант на Силите на НАТО во Европа, американскиот генерал Кристофер Каволи со кого заедно служеле во Авганистан, па блиските врски со САД би можеле да бидат од корист за европската безбедност доколку по американските претседателски избори во ноември во Белата куќа се врати Доналд Трамп.  

Во прилог на полскиот генерал Војчеховски, исто така, оди географијата, но овој пат поради позицијата на Полска како земја од првата линија крај зоната на конфликт во Украина. Полска ги зголеми трошоците за одбраната на ниво од околу четири отсто од БДП и еден од главните поборници за посилна улога на ЕУ во сферата на одбраната, што би одело во полза на номинацијата на Војчеховски.  

Но, неговата позиција во голема мерка би можела да биде поткопана од амбицијата на Полска за добивање на потенцијалното место еврокомесар за одбрана или одбранбена индустрија, како што се можните називи во игра за оваа должност. Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски веќе сигнализираше дека е заинтересиран за еврокомесарската позиција, па нејзиното добивање би било поважен приоритет за Полска од местото претседавач на ЕУМЦ. Во таков случај многу е веројатно дека Војчеховски би бил „жртвуван“, затоа што Полска не би можела да се надева да го добие раководењето со двете клучни одбранбени позиции во ЕУ. сп/

Фото: ЕУ/НАТО/Влада на Словенија

Остани поврзан