• недела, 24 ноември 2024

ИРЛ овој месец во Кичево, ќе истражува локална корупција

ИРЛ овој месец во Кичево, ќе истражува локална корупција

Скопје, 1 ноември 2023 (МИА) - Истражувачка репортерска лабораторија - ИРЛ овој месец ќе биде во Кичево за, како што велат, да се даде видливост на проблемите натрупани поради лошо владеење и корупција.

Во рамки на проектот „Мобилна редакција“, кој почна пред четири години во Охрид и Крива Паланка, тим на ИРЛ составен од известувачи, истражувачи, уредници и продуценти ќе се премести во помалите градови и региони низ државата. Главната цел, како што се наведува, е да се разоткријат прашањата поврзани со локалната корупција и да се зајакне гласот на локалното население.

- Сакаме да интервенираме во областите каде што нема медиуми или се под притисок и каде што граѓаните не можат да добијат гласност за своите проблеми во сферата на доброто владеење, изјави главната и одговорна уредничка на ИРЛ Сашка Цветковска.

Тимот на ИРЛ ќе биде целосно интегриран во овие заедници, овозможувајќи им да стекнат длабинско разбирање за жителите, нивните предизвици, грижи и борби. Овој пристап овозможува автентично претставување на локалните интереси и прашања. Резултатите од овој проект ќе бидат дистрибуирани преку различните платформи на ИРЛ, вклучувајќи ја веб-страницата (irl.mk), каналот на YouTube и другите социјални медиуми (Инстаграм, Фејсбук и Твитер).

ИРЛ веќе е во процес на поврзување со граѓаните низ целата земја за да го идентификува следниот регион.

- Ги покануваме граѓаните од сите страни на земјата да се вклучат во проектот преку упатување покани за покривање на нивните региони, како и споделување на нивните грижи и проблеми со нас преку нашите официјални канали на социјалните медиуми. Овој заеднички пристап има за цел да ги да ги држи одговорни оние на позиции и власт во локалните средини, кои често се поврзуваат со лица и групи од врвот на власта, партиите и организираниот криминал, се вели восоопштението.

Тимот на ИРЛ е составен од истакнати новинари, истражувачи, уредници, проверувачи на факти, режисери, продуценти, аудио и видео монтажери, камермани, веб-дизајнери, илустратори и комуникациски експерти. Здружението е основано со иницијална поддршка на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (Organized Crime and Corruption Reporting Project – OCCRP) - истражувачка репортерска платформа формирана од повеќе од 40 непрофитни истражувачки центри и неколку регионални и глобални новински организации низ светот.

Во 2023 истражувањата на ИРЛ беа наградени со пет домашни и меѓународни награди за истражувачко новинарство. мд/са/

Фото: ИРЛ

Остани поврзан