• четврток, 26 декември 2024

Ирачкиот Парламент ги усвои спорните амандмани на изборниот закон

Ирачкиот Парламент ги усвои спорните амандмани на изборниот закон

Багдад, 27 март 2023 година (МИА) - Парламентот на Ирак утрово ги усвои спорните амандмани на изборниот закон што може да ги поткопа шансите на помалите партии и независните кандидати да освојат пратенички места на идните избори.

Со амандманите ги прошируваат изборните единици, потег кој силно се залага од Координејшн Фрејмворк, коалиција на партии поддржани од Иран. Таа коалиција го формира мнозинскиот блок во сегашниот парламент што го донесе премиерот Мохамед Шија ал-Судаини на власт минатата година.

Предлог-законот беше усвоен со 206 гласа „за“ и 12 „против“ во 329-члениот Парламент. Останатите пратеници не беа присутни на неколкучасовната седница која почна синоќа.

Според амандманите, клучните членови од законот усвоени пред федералните избори во 2021 година се укинуваат и изборните мапи се преуредуваат така што Ирак се враќа на една изборна единица по губернија.

Неколку ирачки политички блокови и независни пратеници ги отфрлија амандманите и го кочеја гласањето со недели. Стотици демонстранти се собраа во последните недели за да го изразат своето противење на измените на законот.

Независните пратеници кои се против законот ја напуштија претходната седница, која мораше да се одложи поради немање кворум. Тие синоќа повторно се обидоа да го запрат гласањето протестирајќи и попречувајќи го гласањето пред да бидат изведени од салата со полиција.

Претходниот изборен закон во Ирак беше усвоен по масовните антивладини протести во 2019 година. Тој закон им даде на независните кандидати и на основните движења поголеми шанси да освојат пратенички места. ОН обезбедија техничка помош за подготовка на законот за следните избори во 2021 година.

Локалните избори во Ирак, први во последните 10 години, се закажани за 6 ноември.

Независните кандидати стравуваат дека изборите според новиот закон ќе ги зајакнат владејачките партии, кои ги обвинуваат за широко распространета корупција.

Ирачката влада се уште не ги закажала следните парламентарни избори во земјата. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан