• четврток, 26 декември 2024

Иран најави дека ќе го ослободи екипажот на запленетиот брод „MSC Aries“

Иран најави дека ќе го ослободи екипажот на запленетиот брод „MSC Aries“

Техеран, 27 април 2024 (МИА) - Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахјан изјави дека екипажот на запленетиот брод „MSC Aries“, кој пловеше под португалско знаме и е поврзан со Израел, ќе биде ослободен, пренесоа иранските медиуми.

Според информациите, Амир Абдолахјан во телефонски разговор со шефот на португалската дипломатија Пол Рангел рекол дека Иран сака да го ослободи екипажот на запленетиот брод бидејќи го смета за хуманитарно прашање.

Абдолахјан изјави дека екипажот ќе им биде предаден на амбасадорите на нивните земји во Техеран, без да прецизира точен датум кога тоа ќе се случи.

Иранската револуционерна гарда го заплени товарниот брод „MSC Aries“ со 25 членови на екипажот во Ормутскиот теснец на 13 април, еден ден откако Техеран објави дека ќе возврати на нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април, за кој го обвини Израел. .

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека бродот бил запленет бидејќи наводно „ги прекршил поморските закони“ и дека нема сомнеж дека е поврзан со Израел.

MSC го изнајмува Aries од Gortal Shipping, подружница на Zodiac Maritime, која е делумно во сопственост на израелскиот бизнисмен Ејал Офер. ссм/

фото: архива/илустрација

Остани поврзан