• сабота, 23 ноември 2024

Иран и Азербејџан одржуваат заеднички воени вежби

Иран и Азербејџан одржуваат заеднички воени вежби

Техеран, 4 ноември 2024 (МИА) – Иран и Азербејџан, две соседни земји со затегнати односи во последните години, денеска одржуваат заеднички поморски вежби во Каспиското Море, јавија иранските државни медиуми.

„Комбинираната вежба за помош и спасување во Каспиското Море“ ќе биде завршена утре, а ја организира иранската морнарица, пренесе агенцијата ИРНА.

Вежбите се одржуваат во Бандар Анзали, град кој се наоѓа на северозападот на Иран. Два брода на азербејџанската морнарица ќе му се придружат на иранскиот разурнувач Дејламан.

Односите меѓу двете земји се влошија во јануари 2023 година кога вооружен маж упадна во амбасадата на Азербејџан во Техеран, убивајќи еден дипломат и рани двајца чувари.

Како одмазда, Баку во април 2023 година прогласи четворица вработени во иранската амбасада во Азербејџан за персона нон грата.

Еден месец подоцна, Иран протера четворица азербејџански дипломати.

Односите меѓу двете земји традиционално се тензични.

Азербејџан, поранешна советска република, е близок сојузник на Турција, историскиот ривал на Иран, но и на Израел, заколнатиот непријател на Иран.

Израел е главниот снабдувач на оружје за Азербејџан.

Аналитичарите сметаат дека територијата на Азербејџан може да се искористи за можна израелска офанзива против Иран, што Баку го негираше. јт/

Фото: Х

Остани поврзан