• сабота, 16 ноември 2024

Иран ги тужи САД пред Меѓународниот суд на правдата: Американските санкции уништуваат милиони животи

Иран ги тужи САД  пред Меѓународниот суд на правдата: Американските санкции уништуваат милиони животи
Хаг, 16 септември 2020 (МИА) - Санкциите што американскиот претседател Доналд Трамп повторно им ги воведе на Иран претставуваат „катастрофален напор за задушување на иранската економија и уништување милиони животи“, соопшти денеска Техеран пред Меѓународниот суд на правдата (МСП). Судот во Хаг неделава одржува рочишта за да утврди дали има надлежност за случајот што Иран му го предаде на МСП, тврдејќи дека санкциите на САД го нарушуваат договорот за пријателство меѓу двете земји. Одлуката на судиите ќе биде објавена подоцна. Претставникот на Техеран, Хамидреза Олумијазди, пред судот изјави дека повторното воведување санкции претставува јасно кршење на договорот за пријателство меѓу двете земји од 1955 година, а двете земји немаат дипломатски односи веќе 40 години. Вашингтон, кој го поништи договорот, соопшти дека текстот нема никаква врска со спорот и дека Иран се повикал на него само за да ја утврди јурисдикцијата на МСП, највисокото судско тело на Обединетите нации. -Американските мерки и политики на максимален притисок не ја земаат предвид самата основа на меѓународното право, рече Олуумијазди. Санкциите создаваат „проблеми и страдања, вклучително и рекорден пад на иранската трговија, со речиси двојно зголемување на цените на храната и сериозни удари врз здравствениот систем, додаде тој. „На американската администрација сега единствено важно и е дали нејзините мерки ќе успеат да ја уништат иранската економија и милиони ирански животи“, продолжи Олуумијазди. САД во понеделникот побараа од МСП да го отфрлат барањето на Иран за укинување на санкцијата, нарекувајќи го однесувањето на Техеран „сериозна закана“ за светската безбедност. сд/

Остани поврзан