• вторник, 12 ноември 2024

Иранскиот ајатолах Хамнеи и шефот на државата Раиси со остра осуда на нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск

Иранскиот ајатолах Хамнеи и шефот на државата Раиси со остра осуда на нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск

Техеран, 2 април 2024 (МИА) - Иранскиот ајатолах Али Хамнеи му се закани на Израел со одмазда откако двајца ирански генерали беа убиени во напад врз комплексот на иранската амбасада во Дамаск. Иран и Сирија го обвинуваат Израел за нападот.

„Злонамерниот режим ќе биде казнет од нашите храбри луѓе“, посочи Хамнеи во денешната изјава, пренесува ДПА. „Со Божја волја, ќе се погрижиме да се покаат за ова и слични злосторства“, рече тој.

Неговите коментари уследија откако иранскиот претседател Ебрахим Раиси веќе остро го осуди нападот и се закани дека ќе одговори. Раиси рече дека „кукавичко злосторство нема да остане без одговор“.

„По последователните порази и неуспеси против верата и волјата на борците на Фронтот на отпорот, ционистичкиот режим ги стави и неселективно убиства на својата агенда - наведе Раиси“, се наведува во објавата на шефот на државата поставена на веб-страницата на неговата канцеларија.

Седум членови на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, кој ги предводи иранските воени операции во странство, беа убиени во вчерашниот воздушен напад на петкатниот дел од иранскиот конзулат.

Меѓу загинатите се и бригадните генерали Мохамад Реза Захеди и Мохамад Хади Хаџи Рахими, двајцата високи команданти на силите Кудс, огранокот на гардата за надворешни операции. Захеди (63) за време на неговата кариера во гардата, која траеше повеќе од четири децении, имаше повеќе командни позиции во силите.

Израел одби да го коментира нападот.

Советот за безбедност на ОН треба да разговара за нападот во текот на денот на состанокот што го побара сирискиот сојузник Русија.

„Иран го задржува своето легитимно и инхерентно право според меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации да преземе решителен одговор за ваквите акти, кои се за осуда“, соопшти иранската мисија во Светската организација.

Мисијата предупреди дека нападот може „потенцијално да разгори повеќе конфликти во кои се вклучени други земји“ и го повика Советот за безбедност „да го осуди овој неоправдан злосторнички чин“. ссм/

 

Остани поврзан