• недела, 24 ноември 2024

Иранската мисија во ОН тврди дека Техеран не е инволвиран во нападите на Хамас врз Израел

Иранската мисија во ОН тврди дека Техеран не е инволвиран во нападите на Хамас врз Израел

Њујорк, 9 октомври 2023 (МИА) - Иранската мисија во Обединетите нации соопшти дека Техеран не бил вклучен во ниту еден од нападите на исламистичката група Хамас врз Израел, јавија британските медиуми.

„Енергичните мерки преземени од Палестина се единствено и исклучиво легитимна одбрана од седумдецениската угнетувачка окупација и ужасните злосторства извршени од нелегитимниот ционистички режим“, соопшти мисијата.

Иран не ја крие својата поддршка за Хамас, финансирањето и вооружувањето на групата и уште една радикална палестинска организација - Исламски џихад.

Нападот на Хамас, најсмртоносниот во израелската историја, во кој загинаа над 1.000 Израелци и се киднапирани десетици Израелци, се совпадна со напорите, поддржани од САД, да се убеди Саудиска Арабија да ги нормализира односите со Израел во замена за одбранбениот договор меѓу Вашингтон и Ријад, потег што може да се покажа како кочница за натамошно одмрзнување на односите меѓу кралството и Техеран, забележуваат британските медиуми.

На итен состанок зад затворени врати во Советот за безбедност на ОН, Вашингтон побара од 15-те членки на Советот одлучно да ги осудат „страшните терористички напади извршени од Хамас“, но највисокото тело на Обединетите нации сè уште не презело таква акција, објавија американските медиуми.

По состанокот, постојаниот претставник на САД во СБ на ОН, Роберт Вуд, кажа дека „голем број земји“ го осудија нападот на Хамас, но не сите членови на Советот. Тој само дофрли дека медиумите веројатно може да погодат за кои земји станува збор.

Рускиот постојан претставник во СБ на ОН, Василиј Небензја, изјави дека на итниот состанок на ова тело Американците се обиделе да посочат дека „Русија не ги осудува нападите, но тоа не е точно“.

-Тоа беше присутно во моите забелешки, рече тој и додаде „ги осудуваме сите напади врз цивилите“. 

Според Небензја, непријателствата треба веднаш да се прекинат, да се склучи примирје и да почнат значајни преговори меѓу двете страни, какви немало децении со децении наназад.

Неговиот кинески колега Џанг Јун претходно изрази слично мислење при влегувањето на состанокот. Тој кажа дека Пекинг ги осудува сите напади врз цивили, но не го спомна Хамас.

„Она што е навистина важно е да се спречи дополнително ескалирање на ситуацијата и да предизвика повеќе цивилни жртви“, рече Џанг. „Важно е и навистина да се вратиме на решавање на конфликтот преку создавање на две држави (израелска и палестинска)“. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан