• недела, 24 ноември 2024

Ирак ја покани Организацијата за исламска соработка да разговара со ЕУ за сквернавењето на Куранот

Ирак ја покани Организацијата за исламска соработка да разговара со ЕУ за сквернавењето на Куранот

Бејрут, 1 август 2023 (МИА) - Министерот за надворешни работи на Ирак, Фуад Хусеин, ја повика Организацијата за исламска соработка да формира комитет за разговори со Европската унија во однос на оние нејзини членки кои дозволуваат сквернавење на Куранот, како и да покани доброволци да иницираат судски случаи, за да не се прекине оваа практика.

Хусеин ги повика и Обединетите нации „да преземат мерки за да се спречат ваквите инциденти“.

Тој ги упати своите апели на онлајн состанокот на министрите за надворешни работи на Организацијата за исламска соработка, кој беше свикан за да се разговара за неодамнешните инциденти во Шведска и Данска во кои копии од Куранот беа запалени или на друг начин сквернавени - на протестни собири дозволени од тие земји.

Организацијата со седиште во Џеда по состанокот не донесе никаква одлука, ниту пак излезе со соопштение. Меѓутоа, претходно донесе одлука да го прекине учеството на специјалниот пратеник на Шведска во знак на протест поради палењето на исламската света книга.

Во пресрет на митингот, двајца мажи кои претходно запалиле копија од Куранот во Шведска повторно го сториле тоа - пред неколку десетици набљудувачи и дваесетина противници кои протестираа против чинот.

Нема закони против богохулењето ниту во Шведска, ниту во Данска, а слободата на изразување е високо ценета.

Сепак, најновите палење на Куранот предизвикаа демонстрации и дипломатски одмазднички мерки во муслиманските земји, а официјалните лица во скандинавските земји почнаа да размислуваат за можно спречување на јавно сквернавење на светите книги и другите верски симболи. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан