• вторник, 12 ноември 2024

Ирак ги осудува турските воздушни напади во регионот на ирачки Курдистан

Ирак ги осудува турските воздушни напади во регионот на ирачки Курдистан

Багдад, 2 октомври 2023 (МИА) - Ирак ги осудува повторените турски воздушни напади, како и присуството на турски бази во регионот на ирачки Курдистан и се надева дека ќе постигне договор со Анкара за решавање на овој проблем, изјави денеска ирачкиот претседател Абдул-Латиф Рашид. 

-Ирачкиот народ, регионот Курдистан и сите Ирачани ги отфрлаат овие прекршувања, рече Рашид во интервју за државната телевизија Ал-Хадат. 

Ирачкиот претседател изјави дека понекогаш во такви напади се убивани и цивили, вклучувајќи и посетители во регионот, кои „станале жртви на турските бомбардирања“. 

Британските медиуми пренесуваат дека не е сигурно дали интервјуто е снимено пред или по турските воздушни напади. 

Турција вчера соопшти дека извршила воздушни напади во северен Ирак и дека уништила 20 цели на забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК), откако милитантната група претходно ја презеде одговорноста за бомбашкиот напад во Анкара.

Претседателот Рашид е член на ирачката курдска партија ПУК, која има блиски врски со Иран и ги критикуваше нападите на Турција во северен Ирак. Рашид кажа дека Багдад се надева дека ќе постигне договор со Анкара за решавање на проблемот на начин сличен на безбедносниот договор што Ирак го потпиша со Иран за справување со иранските курдски сепаратистички групи во регионот на Курдистан. сд/

фото: Википедија

Остани поврзан